РФМ им вети премии на сениорските ракометни репрезентации за пласман на СП и ЕП

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги одреди паричните награди за македонската машка и женска сениорска ракометна репрезентација за пласман на следните големи натпреварувања.

За најдобрите ракометари е ветена парична награда од два милиони денари нето износ за пласман на Светското првенство 2025 во Хрватска, Данска и Норвешка.

Потсетување дека избраниците на селекторот Кирил Лазаров во мундијалскиот бараж на 8 и 12 мај годинава ќе играат против Фарски Острови.

Истата парична награда од 2.000.000 денари се ветува и за најдобрите ракометарки доколку се пласираат на Европското првенство 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Селекцијата предводена од Кристијан Грчевски е на добар пат да се најде на континенталниот собир, а тоа може да го потврди во април со победи над Азербејџан и Литванија.

– Согласно член 32, 34, 35, 38, од Статутот на Ракометната Федерација на Македонија во рамки на своите програмски определби, Управниот Одбор на ден 25.03.2024 година ги донесе следните Одлуки по итност, согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.):

За одредување на парична награда за македонската сениорска машка ракометна репрезентација за пласман на IHF World Championship 2025 во CRO/DEN/NOR во висина од 2.000.000,00 денари нето износ;
За одредување на парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за пласман на EHF Euro Women 2024 во AUT/HUN/SUI во висина од 2.000.000,00 денари нето износ – информира РФМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот