Резултатите од Судска медицина исклучуваат лекарска грешка за смртта на малата Јана, за родителите извештајот е „жив срам“

Фото: Архива СП

Резултатите од Судска медицина исклучуваат лекарска грешка за смртта на шест годишната Јана Христовска од битолското село Кравари.

Воспаление на срцевиот мускул поради бронхопневмонија предизвикана од вирус, била причина за смртта на малата Јана во битолската болница, стои во извештајот на Судска медицина кој е доставен до битолското обвинителство.

Според извештајот, девојчето починало од инфаркт што го предизвикал пневмонија, а нејзината смрт нема причинско-последична врска сo примената инфузија како што се сомневаа родителите.

Родителите на прерано починатото девојче ќе бараат и странска експертиза, а на својот Фејбук профил објавија дека извештај од судска медицина е жив срам.

„Нема причинско последична врска во случајот со ЈАНА, инфузијата не била пресудна.Јана имала бронхопневмонија тешка која го зафатила срцевиот мускул и дошло до срцев удар. Овој извештај од судска медицина е жив срам. Како може Јана да нема симптоми како што се константна температура, кашлица итн да има бронихит т.е воспаление на бели дробови. И баш тоа да се случи во рок од 2 часа да дојде до срцев удар откако е однесена во болница стабилна на нозе со нормални вредности на првите резултати од крвта. Присутен бил вирус во белите дробови а не е утврдено за кој вирус се работи. Никаде не е наведено зошто шеќерот после инфузијата се покачи и тоа многу. Ова лично го очекувавме ние, дека лекарска грешка ќе нема.Можат да напишат што сакаат, хартијата трпи се, очигледно е дека во Македонија нема правда ниту некогаш ќе има за обичниот граѓанин“, велат родителите на Јана.

Малата Јана почина на 22 март само неколку часа откако родителите ја донесоа во Детското одделение во Битолската болница, како што истакнаа за медиумите со симптоми на блага настинка. Случајот предизвика реакции во јавноста, а беа организирани и протести на кои се бараше одговорност за смртта на Јана.

Инаку државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде почина шестгодишната Јана Христовска од селото Кравари.

Здравствените инспектори констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со физиолошки раствор – но тоа не било грешка на педијатрите кои го третирале девојчето.

Семејството бара лекарска одговорност за 6-годишното девојче: Ќерка ми Јана почина откако ѝ дадоа гликоза и шеќерот и се крена на 19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот