Семејството бара лекарска одговорност за 6-годишното девојче: Ќерка ми Јана почина откако ѝ дадоа гликоза и шеќерот и се крена на 19

Фото: МИА

Ќерка ми Јана почина зашто лекарите и дадоа гликоза после што и се крена шеќерот на 19, вели за „Слободен печат“ Стојче Христовски, од селото Кравари. Неговата ќерка почина во битолската болница вчера, на возраст од 6 години.

-Температура немаше кога ја однесовме во болница, туку само претходниот ден па и дадовме сируп, и падна температурата. Ноќта си спиеше. Наредниот ден, матичниот лекар бил втора смена, па ја однесовме сабајлето во болница. Сабајлето пред болница, рече дека ја болат ножињата и поврати шлајм на градите. Ми се јави сопругата, не нашла матична, па ќе ја носиме во болница. Си влезе Јана во кола со одење, влеговме во болница. Отидовме во амбуланта на детско одделение. Шеќерот ѝ го мереа, ѝ беше 9, иако нема дијабетес. Рекоа дека од што повратила, шеќерот ѝ се качил на 9. Во меѓувреме ѝ дадоа гликоза. И рековме на докторката дека шеќерот ѝ е 9, таа рече „нема гајле“. Па ѝ дадоа една инфузија чиста гликоза и тоа го гледаше сопругата која беше во иста соба со чупето, раскажува Христовски за „Слободен печат“.

Тој вели дека ова бил клучен момент за драматично влошување на состојбата на неговата шестгодишна ќерка Јана.

-Откако истече инфузијата, Јана почна да се губи. Сите тие испаничија. Пробаа да и дадат уште една доза гликоза, ама не успеаа да ја доосвежат. Пукаа вените, 19-ка и беше шеќерот после првата инфузија. Почна паника да ги фаќа, ја ставија на ЕКГ, со штипките, маска за кислород на лицето, целосно почна да се губи ќерка ми. Анестезиолог викнаа. Ние бевме до вратата не знаевме ни што прават ни како прават. После ја гледавме преку стакло, си мрдаше со ноџињата. Кога дојде анестезиологот и стави нешто и се поврати. Како се викаш Јана, ни одговараше. После 10 минути таа докторката на телефон прашуваше некој друг доктор како да постапат. Пак после тоа почна да се губи Јана. Последно беше тоа. Пак итно го викнаа анестезиологот, електрошокови да и даваат. Не можеа да ја повратат, кренаа раце после 15 минути. Ја качија на еден кревет. Ова се го гледавме. Како пресечени сме. Ја качија на интензивна нега, не знаевме што да правиме. Цело време прашувавме жива ли е, дури во 15 и 30 ни кажаа дека не е. Фудбал си играше, гимнастика, со дедо и` пешачеа, интелигентна беше, читаше пишуваше, се спремаше за на школо. Си вежбаше, знаеше да брои до 500. Бараме лекарска одговорност. После првата инфузија ни ги дадоа резултатите од крвта. Како може прво инфузија да и дадат па после резултати да чекаат?, додава Христовски.

Директорот на болницата Александар Обедниковски за „Слободен печат“ претходно изјави дека и на полицијата и на обвинителството им кажал дека на детето не му се дадени лекарства туку само инфузија за рехидрирање.

-Детето беше донесено во општата болница Битола вчера во 10 часот наутро. Третирано е тука за рехидрирање. Додека се чекаат резултатите, му се слошило и направена е реанимација. За жал таа не била успешна. Телото на детето е дадено на обдукција. Дошло со повраќање, покачена температура и оток на очите и било 2 дена дома третирано. Нема кај нас дадено никаков лек проверивме, туку само инфузија за рехидрирање, ни рече доктор Обедниковски.

Запрашан дали е точно дека девојчето починало откако и била администрирана гликоза тој рече дека обвинителството тоа ќе го истражува и дека самиот го пријавил случајот во обвинителството, а лекарките до утре ќе му достават писмени изјави за тоа што му било дадено на детето. Обедниковски кажа дека обдукцијата е завршена во Битола на патологија, но дека за резултатите ќе бидат потребни десетина дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот