Сцена од претставата „Приказната на Електра“ во режија на Дејан Пројковски

Режисерот Дејан Пројковски ја постави претставата „Приказната на Електра“ во Јужна Кореја

Во градот Инчеон, Јужна Кореја, на 26 јули се случи премиерата на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски. Претставата беше дел од програмата на Националниот театарски фестивал и привлече големо внимание на корејската културна јавност.

Дејан Пројковски е првиот македонски режисер што поставил театарска претстава во соработка со национални институции во Јужна Кореја. Двете премиерни изведби, публиката во Инчеон ги испрати со стоечки овации.

Станува збор за современа интерпретација на античкиот мит за Електра, во која јазикот на телото, минималните дијалози и прецизната визуелна естетика создаваат универзален сценски израз. Темите за семејството, насилството, меморијата и судбината се обработени низ емотивно концентрирана и визуелно изнијансирана форма, својствена за естетиката на Пројковски и Димоски, веќе докажана на неколку меѓународни театарски проекти.

– Работата со корејски уметници беше вистински предизвик – не само поради јазикот, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални. Тука престануваат да важат сите бариери и ограничувања што ни се наметнуваат во животот – вели режисерот Дејан Пројковски.

Продукцијата е резултат на соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал Инчеон и „Артема“ – театарска лабораторија. Овој формат на копродукција овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, селектирана преку национален кастинг, во која настапуваат признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин.

Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: автор на текстот и драматург е Сашо Димовски, Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видеодизајн), Раде Василев (костимографија). Кореографијата е на Кјонг Џаеми Рјуи, дизајнот на светло на Џеонгсу Ли, а продукциското водство го потпишуваат Џинион Јун и Хје Јеонг Чунг. Асистент на режисерот е Мар Шин, а уметнички директор Џеонг Ву Сон.

– Ми значи што една ваква соработка и продукција покажува дека и во глобален контекст, македонските културни професионалци можат да бидат препознаени како партнери со висока естетика и став. Тоа не е чест случај, и токму затоа секоја ваква можност носи вредност и остава простор за идни соработки – додава Пројковски.

Инаку, Дејан Пројковски е еден од нашите најнаградувани и најактивни театарски режисери. Неговите претстави „Ана Каренина“ и „Ричард Трети“ беа дел од јубилејната Театарска олимпијада во Унгарија. „Ана Каренина“ досега има освоено над 40 награди, а „Ричард Трети“ доби Гран-при на Фестивалот во Кишварда.

Во неговото портфолио се вбројуваат и „Дон Жуан“ (награда за најдобра претстава во Хрватска), „Ромео и Јулија“ (највисока театарска награда во Турција), „Скупљачи перја“ во Српско народно позориште, „Мајка Храброст“ во Нови Сад, како и „Падот на Масада“, „Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“ во македонските театри.

Театарската претстава „Приказната на Електра“ ќе гостува и во Македонија на 20 август, на свеченото затворање на фестивалот „Охридско лето“. По одекот што го постигна во Кореја, ова гостување претставува ретка можност домашната публика да ја доживее претставата во нејзината полна сценска и емотивна сила – токму онаква каква што беше препознаена и надвор од нашите граници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот