Ревизорите ја „прочешлаа“ и АД НОМАГАС: Фрлени 143 милиони евра, а магистралните гасоводи се „суви како барут“
Ревизијата истакнува и дека сè уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период
Државата потрошила над 143 милиони евра за изградба на три магистрални гасоводи, но од нив сè уште не потекла ни капка гас, утврди Државниот ревизор, чешлајќи ги ланските документи на НОМАГАС АД Скопје. Нотирани се и неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, што може неповолно да влијае врз ликвидноста на друштвото и развојот на гасниот систем во државата.
Препорачано
– Со ревизијата е утврдено дека најголем дел од инвестициите во тек се однесуваат на изградбата на трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1 – 61 км, ЛОТ 1 – 36 км, ЛОТ 2 и ЛОТ 5 ). За нив се потрошени повеќе од 143 милиони евра и целосно се изградени од 2016 до 2024 година. Причините за ваквата состојба се нерешени имотноправни односи при експропријација на земјиштето и пролонгирања од роковите за одобрување измени во тек на градба во минатиот период, кои влијаеле тие сè уште да не се употребуваат – објаснуваат од ДЗР.
НОМАГАС АД Скопје располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир – Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок-станици, мернорегулациски станици и чистачки станици сè уште не е утврден правниот статус?!
– За нив се водат постапки за легализација пред Министерството за транспорт и надлежните општини. Иако дел од објектите се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година со уредна документација, тие никогаш не биле запишани во Агенцијата за катастар на недвижности. Постапките за легализација траат со години, а дел од предметите биле префрлани меѓу општините и Министерството, што дополнително го продолжило процесот на запишување. До завршување на ревизијата, НОМАГАС АД Скопје сè уште нема добиено решенија за ниту една од започнатите 78 постапки за легализација – посочуваат ревизорите.
Ревизијата истакнува и дека сè уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период.
– Оваа постапка со владината одлука од август 2024 година е поништена, со што и натаму останува неизвесно определувањето на Оператор за дистрибуција на природен гас. Дополнителна состојба што неповолно може да влијае врз квалитетот и динамиката на одржувањето, е што до крајот на 2024 година НОМАГАС АД Скопје нема усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024-2035 година – пишува во Извештајот.
Со ревизијата е утврдено дека во трговските книги на НОМАГАС АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и тој е за 28,1 милиони евра помал во однос на извршената процена.
– Со тоа и во Централниот депозитар на хартии од вредност и во Централниот регистар впишана е помала вредност на основната главнина. Оваа разлика потекнува од крајот на 2022 година, со самото основање на НОМАГАС АД Скопје, преку спојувањето на двете друштва АД НЕР и АД ГА-МА Скопје – пишуваат ревизорите.
Меѓу другото е констатирано и дека поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, крајниот прстен не е завршен, а изградена е нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот, ќе треба да се прават дополнителни градежни активности и расходи. Во извештајот е нотирано дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективен гасовод со Грција, финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка.


