Ревизијата откри неправилности во старечки дом во Прилеп, корисниците добивале послаба храна, се штедело на лекови и пелени

Дом за стари лица Прилеп/Фото: www.joudkkplatnik.mk

Старскиот дом во Прилеп „Киро Крстевски Платник“ не секогаш ги обезбедувал потребните хранливи вредности во исхраната, во оброците немало доволно овошје и зеленчук, спротивно на правилникот, утврди ревизорскиот извештај. Дополнително во оваа јавна установа за згрижување стари лица кои во најголем дел таму добиваат и медицинска помош и грижа, не се почитувале мениата за исхрана, па се служеле неодобрени јадења, без да се исполнат нормативите за хранливите вредности на исхраната на старите лица.

„Нецелосно се исполнуваат пропишаните нормативи за исхрана на стари лица, односно не секогаш се обезбедуваат потребните хранливи вредности на артикли во исхраната, а особено е изразена недоволната застапеност на свежо овошје и зеленчук во дневните оброци за корисниците предвидена во правилникот“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ова е ризик за несоодветно трошење на набавените прехранбени производи чија вредност во 2021 година била 5 милиони 258 илјади денари и влијаат на квалитетот и хранлива вредност на подготвените оброци.

Државниот ревизор констатирал дека меѓу 129 и 137 корисници биле згрижени во домот, а околу 100 оброци дневно преку кујната од домот оделе кај социјално ранливи лица преку проектот „Народна кујна“. Секој оброк од „Народна кујна“ според договорот чинел само 72 денари по оброк, нереална цена што не била променета 15 години, а готвеле истите двајца готвачи и една сервирка кои ги служеле и лицата редовно згрижени во домот. Според ревизорот, вака малиот број на персонал во кујната, не е доволен ни за редовните згрижени а камоли за социјално загрозените лица, па затоа се препорачува да бидат вработени уште луѓе. Дополнително, во домот се служеле други оброци, а не тие одобрени во листата на јадења за сезоната пролет-лето 2021 година, поради неможноста навремено да се обезбедат потребните намирници за подготвување на планираните оброци, што е спротивно на правилникот.

Домот во 2022 година ги покачил цените за сместување, првпат после 2005 година. Така, наместо 7.200 старите лица плаќаат 10.900 денари минимум, а максималната цена е 15.100 денари месечно.

Констатирани состојби имало и за здравствената заштита, интензивната нега на хронично болните и неподвижни корисници, давањето редовна терапија, набавката на лекови и пелени за возрасни и други медицински материјали.

„Лековите и пелените се набавуваат по пат на јавна набавка од страна на Домот и со рецепти на товар на Фондот кои им следуваат на корисниците при што имаат право на 90 пелени месечно по корисник. Не оспорувајќи ја потребата од набавка на дополнителни лекарства и пелени, со оглед на фактот дека сите корисници примаат терапија а дел од нив се тешко болни и неподвижни и користат пелени, често пати повеќе од обезбедените од Фондот, обрнуваме внимание дека количината на набавените лекови и пелени за 9 месеци во 2022 година е неколкукратно помала од онаа за истиот период во 2021 година. Во првите 9 месеци од 2021 година набавени се лекови за 402 илјади денари и пелени за 998 илјади денари, а во 2022 година за истото време и покрај поголемиот број на корисници набавени се лекови за само 119 илјади денари и пелени за 505 илјади денари. Наведеното влијае на квалитетот на услугите кои се даваат на корисниците како и на економичното трошење на средствата од домот“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година утврдено е дека нема доволно стручни кадри со кои располага Домот, нема пишани процедури за работа и акти за утврдување на работните процеси и активностите се одвиваат според пракса од минатиот период. Ревизорот нотирал и дека во домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ во Прилеп, не се следи реализацијата на договорите за јавни набавки поради што има ризик за надминување на договорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот