Решен првиот комунален проблем – „Северна“

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Сите се колнеа дека ќе работат за доброто и во интерес на граѓаните, транспарентно, одговорно и во согласност со законот. Како што почнаа, веќе се гледа крајот на тие ветувања.

Македонија доби нова локална власт, но изборот на оној што ќе раководи со Скопје ја разниша централната. И, додека аналитичарите, медиумите и народот се занимаваат со погодување кој ќе го наследи актуелниот премиер, новите општински „татковци“ и (две) „мајки“ наскоро треба да почнат да го реализираат она што го ветуваа во кампањата. Да покажат дека се различни од претходните, дека навистина (како што тврдеа) ќе понудат нешто подобро и нема да ги натераат своите избирачи до половина од мандатот да се покајат што ги гласале.

И општинските совети полека почнуваат со конститутивните седници. Сите претходно се колнеа дека ќе работат за доброто и во интерес на граѓаните, транспарентно, одговорно и во согласност со законот. Ајде да видиме. Би било убаво ако во овој мандат транспарентноста се манифестира со тон и со слика. Но, почетокот веќе го навестува крајот на тие ветувања.

Деновиве Левица соопшти дека во насока на демократизацијата и зголемувањето на транспарентноста на советите и општините, првото барање што ќе го достават ќе биде за задолжителен пренос на седниците. Тие се надеваат дека ова нивно барање ќе го поддржат сите советници, затоа што, како што велат, жителите имаат право да знаат како работат нивните избраници.

Досега ниту една скопска општина никогаш не ги пренесуваше седниците во живо, за разлика од неколку други општини во државата. Дури отпосле лиферуваа соопштенија во кои го наведуваа она со кое сакаа да се пофалат во јавноста. Граѓаните никогаш не видоа и не слушнаа како се расправа за некој горлив проблем, како се нуди решение, како се распределуваат буџетските средства, не слушнаа дискусија за ДУП, ниту можеа да осведочат на крајот на краиштата кој како гласа. Ликот не го видоа ниту гласот им го слушнаа на оние што тие ги избраа да работат за нив. За каква транспарентност се зборува тогаш со години и години?

Притоа се правеа некакви истражувања за најтранспарентни општини по разноразни критериуми, но никој не се сети дека би било корисно за јавноста во општинските буџети да се издвојат пари за набавка на опрема со која ќе се овозможи таа транспарентност во работата да стане реалност преку онлајн седници што би можеле да ги следат сите заинтересирани граѓани. Сепак, од локалната власт објаснуваа дека седниците се отворени и секој што сака може да присуствува на нив. Секако.

Единствено Град Скопје, како што информираа оттаму, набави техничка опрема со која требаше да се реализира видеопренос во живо од седниците на официјалната веб-страница на Градот, како и на неговите официјалните страници, канали и профили на социјалните мрежи и медиуми. Но, освен пренос од неколку прес-конференции, скопјани не дочекаа во живо да следат седница на Советот, ниту некогаш некој прецизно одговори кога техниката ќе се употреби за тоа за што е наменета.

Доколку седниците се пренесуваа во живо, ќе можевме лично да се увериме како, на пример, новиот состав на Советот на Општина Аеродром, на своето конститутивно заседание потпишува свечени изјави со името Република Македонија, наместо со новото уставно име на државата. Такви свечени изјави потпишале и дел од советниците во Општина Штип.

И додека граѓаните се расфрлаат со „браво“ и „уа“ по социјалните мрежи за овој популистички и незаконски чин во општините (затоа што на локално ниво не може кој што сака да си прави, туку мора да почитува закони), новоизбраните не треба да заборават зошто се тие сега таму каде што се – за да ги решаваат секојдневните комунални, инфраструктурни, сообраќајни и слични проблеми на нивните жители. „Северна“ не е меѓу нив.

Значи, да се асфалтираат улиците што не се асфалтирани, да се обезбеди безбедно движење на пешаците и велосипедистите, да не се гради зграда врз зграда, да нема ѓубришта на секој агол, да има вода и канализација во секој дом и, се разбира – бесплатно да се возат во автобусите. И уште безброј навидум ситни проблеми чие решавање ќе им го олесни животот на луѓето. Толку!

Видео на денот