Фото: „Јутјуб“ / Принтскрин

Републиканци инфлуенсери се фатија за гуша поради Израел: Бен Шапиро го нарече Такер Карлсон шарлатан кој ги лаже луѓето со теории на заговор

Републиканскиот инфлуенсер Бен Шапиро остро ја критикува фракцијата во партијата што се претставува како „чувар на белата, христијанска идентитетска Америка“ и која воедно зазема негативни позиции кон Израел. Овие судири меѓу различни струи, дополнително засилени по убиството на Чарли Кирк и појавата на теории на заговор за наводна вмешаност на Израел, најавуваат уште подлабоки расколи во сè пофрагментираната Републиканска партија.

Тивката битка околу иднината на политичкото движење на американскиот претседател Доналд Трамп ескалираше во четвртокот на една од најголемите сцени на американската десница, откако влијателни конзервативни инфлуенсери ја искористија годишната младинска конференција на „Трнинг поинт Ју-ес-еј“ (Turning Point USA) за меѓусебни напади и судири околу нивните спротивставени визии, објави „Асосиејтед прес“.

Меѓусебните расправии се заканија да ги засенат напорите за оддавање почит на Чарли Кирк, основачот на организацијата кој беше убиен во септември, иако учесниците инсистираа дека токму неговото наследство го чествуваат како обединувачка фигура во Републиканската партија.

Прв на сцената излезе Бен Шапиро, кој ги опиша Такер Карлсон и други како манипулатори и шарлатани, обвинувајќи ги дека ја доведуваат во заблуда својата публика со невистини и со теории на заговор. Шапиро остро го критикуваше Карлсон, поранешен водител на „Фокс њуз“, поради тоа што во својот поткаст го интервјуирал отворениот антисемит Ник Фуентес, нарекувајќи го тоа „чин на морална глупост“.

Само еден час подоцна, Карлсон се појави на истата сцена и му се потсмеваше на Шапиро дека ги „осудува“ оние што не се согласуваат со него.

„Го гледав тоа. Се смеев,“ рече Карлсон.

Отворената горчина на првата вечер од четиридневната конференција ги одрази длабоките поделби околу значењето на слоганот „Америка на прво место“ и следните чекори за движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“, кое е дефинирано повеќе од силата на личноста на Трамп отколку од верноста кон некој конкретен идеолошки проект.

Сето ова би можело да најави уште подлабоки расколи во сè пораздробената Републиканска партија — на што предупреди и Ерика Кирк, вдовицата на Чарли Кирк и новата лидерка на „Трнинг поинт“, во своето воведно обраќање.

Рејтингот на Трамп паѓа, тој ја губи поддршката

По атентатот, рече таа, „сведочевме на пукнатини, на палење мостови кои не требаше да бидат запалени“.

Тајлер Робинсон, 22-годишникот обвинет дека го застрелал и убил Кирк додека зборувал на Универзитетот Јута Вели во септември, минатата недела се појави пред суд. Робинсон сè уште не се изјаснил за вината. Властите велат дека тој ѝ рекол на својата романтична партнерка дека го убил Кирк зашто „му било преку глава од неговата омраза“.

Републиканците се во конфликт за ставот кон Израел

Последниот пат кога „Трнинг поинт“ ја одржа својата конференција „Америкафест“, неколку недели по камбек-победата на Трамп, атмосферата беше еуфорична, додека републиканците се подготвуваа за нова ера на целосна контрола во Вашингтон. Организацијата е позната по спектакуларни настани кои повеќе наликуваат на рок концерти или мегацрковни служби отколку на политички митинзи, со пиротехника и бас што ја тресе подлогата.

Сега, партијата се соочува со тешки конгресни избори, при што Трамп уставно нема право повторно да се кандидира, а неговите поидеолошки мотивирани следбеници се позиционираат за периодот по неговото заминување од функцијата. Во меѓувреме, конзервативците се потресени од внатрешни судири околу антисемитизмот во сопствените редови — прашање во кое Трамп одбива да посредува.

Трамп потпиша марихуаната да не се вбројува меѓу најопасните дроги, републиканци се бунат: „Ова не ја прави Америка повторно голема“

Шапиро изјави дека премногу негови конзервативни колеги ја изневеруваат својата публика со тоа што кокетираат со теории на заговор, оправдувајќи се дека „само поставуваат прашања“.

Тој ја продолжи и својата критика кон Карлсон поради пријателското интервју со Ник Фуентес, чии следбеници, познати како „гројпери“, се гледаат себеси како чувари на белата, христијанска идентитетска Америка.

Шапиро рече дека Чарли Кирк „знаел дека Ник Фуентес е злобен трол и дека неговото издигнување е чин на морална глупост — токму она што го направи Такер Карлсон“.

Како одговор, Карлсон изјави дека ставот на Шапиро е спротивен на вредностите на Кирк, кој беше убиен токму додека дебатирал со студенти на универзитетски кампус.

„Да слушам повици за бришење од платформите и јавно осудување на луѓе на настан посветен на Чарли Кирк — навистина, што? Ова е смешно,“ рече Карлсон.

Карлсон негираше дека е антисемит, велејќи дека е неморално да се мразат луѓе поради тоа како се родени. Потоа го минимизираше проблемот со антијудејската омраза, тврдејќи дека таа е помалку распространета од пристрасноста кон белите мажи.

„Тоа е расизам кој е исто толку лош како антисемитизмот, но е многу пораспространет и досега многу поштетен,“ рече тој.

Такер Карлсон ги отфрли тврдењата за можен внатрешен судир во коалицијата на Доналд Трамп, оценувајќи ги како целосно измислен наратив зад кој, според него, стојат луѓе што сакаат да го блокираат политичкиот подем на потпретседателот Џеј Ди Венс. Според Карлсон, сегашните тензии немаат идеолошка суштина, туку се сведуваат на борба за контрола врз политичката инфраструктура по заминувањето на Трамп од сцената.

„Израел стои зад убиството на Чарли Кирк“

Во меѓувреме, новата лидерка на „Трнинг поинт“, Ерика Кирк, се најде во центарот на полемики поради теориите на заговор што ги шири Кендис Овенс, поранешна соработничка на организацијата, дека зад убиството на Чарли Кирк стои Израел. Неговата сопруга јавно ги отфрли ваквите тврдења, истакнувајќи дека се злоупотребува личната трагедија на нејзиното семејство и дека ваквите наративи можат да ја загрозат правдата, и покрај обидите за краткотрајно смирување на тензиите меѓу двете.

Критиките што Бен Шапиро ги упати кон Овенс и кон Карлсон ја откриваат подлабоката поделба во Републиканската партија околу односот кон Израел и војната во Газа, се вели во текстот на „Асосиејтед прес“, тема што сè повеќе ги раздвојува конзервативците.

Додека дел од помладите гласови ја преиспитуваат безусловната поддршка за Израел во рамки на агендата „Америка на прво место“, конференцијата на „Трнинг поинт“ продолжува да привлекува илјадници учесници и да служи како главна сцена за судир на различни визии за иднината на движењето.

Осомничениот за убиството на Чарли Кирк за првпат се појави на суд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот