Фото: Хари Кацановски

РЕПОРТАЖА: На сѐ мислеле Швеѓаните

Седејќи со огромна болка во ушите, кои ми се одзатнуваа вторпат бидејќи првин летав од Скопје до Австрија, па до Стокхолм, додека ги гледав прекрасните, кротки градби и тревата искосена со милиметарска прецизност, почувстував силна естетика која ме враќаше во скандинавските приказни. Стокхолм, додека слетував, изгледаше онака како што ги замислувам скандинавските градови.

Изморен и неспиен, но со ентузијазам, чекав да слетам за да одам на предавање и на настан, дефокусирајќи се од болката во ушите, засилена поради вирусниот ринитис и истоштеноста од неспиење.

Пристигнав на аеродромот, изненаден од пристојноста на сите луѓе што ги прашував за информации. Отидов на предавањето на кое ги запознав домаќините и другите учесници со коишто бргу се спријателив и со кои минав одлични два дена.

Секако, првин забележав колку е чисто, восхитен од тоа колку се културни сите, како возачот на автобусот е пристоен, како секој е пристоен, иако бргу отрпнав бидејќи импресиите траат кратко.

„Кај нас сите те пцујат кога прашуваш нешто, овие не те пцујат, иако можеби те потценуваат, но мора кисело да бидат пристојни со тебе како и со сите други туристи”, си реков, како и многумина што одат во странство и веднаш знаат сѐ за луѓето на местото што го посетуваат, по разговор со двајца-тројца.

По предавањето решивме, иако уморни, да го посетиме стариот дел на Стокхолм, Гамла Стан, кој изобилува со кротки кафулиња и со сувенирници. Овој дел е познат како срцето на градот, со живописни градби – зелени, темноцрвени, портокалови, окер, вибрантни, како во бајките. Зачекоривме по калдрмата „Престгатан“, стара неколку векови. Тука се наоѓаат и Кралската палата со стотици соби и катедралата „Сторкиркан“. Туристите честопати застануваат кај „Малото железно момче“ — најмалиот споменик во градот, висок само 15 сантиметри, со капче и со шалче зиме.

Фото: Хари Кацановски

Стокхолм има добра инфраструктура, а големите трговски и индустриски комплекси, како „Мол оф Скандинавија“, ИКЕА и другите, не ја нарушуваат естетиката на стариот дел од градот бидејќи се наоѓаат во периферните населби Сулна и Киста. Дали тоа е намерно или, пак, случајно, не знам.

Решив да купам нешто за дома, да се пофалам што сум донел од Шведска, но набргу сфатив дека кешот ретко е опција за разлика од кај нас, каде што плаќањето со картичка може честопати и да не е опција. Тоа го дознав кога решив првпат да пробам кафе од „Старбакс” во трговскиот центар „Мол оф Скандинaвија“. Всушност, ја дознав таа информација на „Јутјуб“ туторијалот за Стокхолм што го гледав пред да одам, ама не ми се веруваше дека е до толку. Продавачката ме остави да си го земам кафето, мислејќи дека ќе искуцам со картичка, па тргна да прави нешто друго, не ни очекуваше дека би можел да избегам и да не платам.

Стариот дел од градот е прекрасен, има мостови и канали што поврзуваат повеќе острови, па затоа го нарекуваат „Венеција на Северот“. Секој агол нуди поглед кон водата и кон музеите, меѓу кои се познати Нобеловиот музеј и музејот на АББА (што за жал не успеавме да го посетиме).

Си купив книга со шведски приказни, плетени чорапи и бленд од чаеви. Пазарев во сувенирница за туристи кои мислат дека купуваат автентични шведски предмети.

По прошетката низ Гамла Стан седнавме на огромното пристаниште, гледајќи го зајдисонцето.

Фото: Хари Кацановски

Во хотелот вечеравме, порциите се умерени, ништо не е претерано: фин појадок, салати, морска храна, лепче, путер. Сѐ со усул, доволно. Швеѓаните имаат интересен концепт за десертот што следува со кафе, а се вика „фика“ — цел ритуал со посебно значење. Во секој агол има фика-кафулиња, а дури и на најформалните состаноци некој ќе предложи фика. Одбивањето на овој ритуал носи ризик од сериозна навреда на домаќините.

Откако вечеравме со нашите домаќини, решивме да одиме во бар, но не како нашите, туку огромен, со безброј игри, од аугментирано пикадо, до шафрлборд. Имаше слот-машини, но никој не седеше на нив, што ме зачуди.

Излегов да запалам цигара надвор од трговскиот центар во кој беше барот, инаку пушењето не е баш „ин“ во Шведска. Најчесто мора да пушиш надвор, заедно со другите избркани зависници. Секако, не понесувај го пијалакот со себе – пиењето надвор не е пристојно.

Уморен по денот полн со активности, се качив во лифтот во хотелот, бев во соба 9015, и талкав во лавиринтот од ходници. Лифтот се отвора со картичка и оди кон собите, не може да одат луѓе без резервирана соба. Стигнав до собата и ја отворив вратата со картичката. Немаше прекинувачи за палење светло. Потсмешливо коментирам на глас: „Да не треба да ставам картичка за да се вклучи светлото?“. Да. На влезот во собата има уред, го наоѓам, ја ставам картичката, се вклучува светлото. Ја тргам… се гаси по некое време. Треба да стои таму за да има светло. Која е логиката, се прашувам. Сфаќам дека штедат струја за да се ефикасни, за да излезам од собата треба да ја земам картичката, а ако го заборавам светлото, ќе се изгаси само. На сѐ мислеле Швеѓаните. Мислев дека кога ќе се вратам во Македонија, ќе ги изненадам сите со ова, испадна дека повеќето со коишто зборував знаат дека има и биле во такви хотели.

Фото: Хари Кацановски

Утрината станав свеж, а по панел-дискусијата милион пати си кажавме „Благодарам за гостопримството“ со гостите и со домаќините, па тргнав кон аеродромот, назад за родното Скопје каде што ќе им раскажувам на пријателите во бар за магијата на овој град, додека пушам и пијам колку сакам:

„Супер е во Шведска, ама стегнато, секое повишување тон или непристојно шегување наликува на дива трева што отскокнува од рамно искосениот парк во Стокхолм, дивее и се ниша лево-десно, нарушувајќи ги симетријата и стабилноста на Швеѓаните. Не знам, можеби не им го сфаќам хуморот, како што ни тие не го сфаќаат мојот“.

Можеби е до мене, сакам спонтаност, не сакам сѐ да биде симетрично и по протокол. Сепак, можеби сакам син ми да расте таму, да не биде пушач, да спортува од мал, да има манири.

Стигнав во Скопје, отидов директно во барот на мојот пријател, почнав да раскажувам импресии, овие моиве почнаа да се шегуваат, а јас ги погледнав како вистински Швеѓанец, „непристојни, без осет, не знаат колку е добро таму“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот