Дела од изложбата „Порцеланови луѓе“

Релевантна колекција на дизајнирани порцелански предмети ќе биде презентирана на две изложби во Велес

Во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, на 10 ноември, во 19 часот, ќе биде претставена изложбата „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан ‘Борис Кидрич’ – Титов Велес, 1954-2003“.

Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографии е Александра Костадиновска.

Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен архив на РСМ – подрачна единица Велес. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ. Авторите изразуваат благодарност и до Дејан Атанасовски, директор на Комерцијална банка – филијала Велес, за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија.

– На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметници дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, бидејќи таа претставува не само индустриски, туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите-уметници што дејствувале во рамки на овој производствен капацитет.

Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други, кои во периодот од 1955 година до крајот на 90-тите години на минатиот век биле дел од декорното, односно подоцна од 1971 година дизајнерското одделение на фабриката. Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на ‘невидливоста’ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години, кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција.

Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво што ја оправдува уште повеќе идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на „Југопорцелан“ – истакнуваат авторите на проектот.

Дела од порцелан на Филип Фидановски

Во Фоаје на „Театар Џинот“ во Велес на 10 ноември, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски, керамички уметник. На изложбата ќе бидат претставени скулптури и инсталации во простор.

Кураторот Јасминка Намичева за изложбата напиша: „Во контекст на современата македонска уметничка сцена, ‘Куќа на порцеланот’ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво. Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината.

Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде што документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла. ‘Куќа на порцеланот’ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот