Рекорд во болница во Њујорк: Се роди бебе тешко речиси 6 килограми, неколку часа подоцна и новороденче од само 1,8 килограми
Во породилиштето на медицинскиот центар „Кејуга“ во Итака, сојузната држава Њујорк, 31 јануари беше необичен ден што персоналот долго ќе го памети. Во рок од неколку часа беа родени две бебиња со целосно спротивни тежини – едното постави болнички рекорд, а другото беше меѓу најмалите новороденчиња, пишува „Пипл“.
Препорачано
Прво на свет дојде машко бебе, Шон Помладиот, син на Терика и Шон. Новороденчето тежело околу 5,9 килограми, што го прави најтешкото бебе родено во историјата на оваа болница. Иако родителите очекувале дека бебето ќе биде поголемо, неговата тежина сепак ги изненадила.
„Знаевме дека ќе биде поголем, но не очекувавме баш толку“, изјавила мајката Терика во соопштение на болницата.
Таа веќе има уште три деца и низ шега додала дека бебето веднаш носи облека и пелени за возраст од три до шест месеци, „како да сме прескокнале директно до третиот месец“.
Само неколку часа подоцна, лекарите и медицинските сестри им помогнале на Клои и Виктор да го добијат своето бебе, кое при раѓањето тежело само 1,8 килограми. Контрастот меѓу двете новороденчиња дополнително го обележал денот во породилиштето.
Клои изјавила дека искуството било „навистина шармантно“ и потсетник дека „бебињата доаѓаат во сите облици и големини“. Таа нагласила дека се чувствува добро и е благодарна за грижата што ја добила од лекарите, сестрите и акушерките.
Раководителката за мајчино и детско здравје во здравствениот систем „Централус хелт“, Робин Торгалски, истакнала дека двата случаи се потсетник оти секое раѓање е уникатно.
„Без разлика дали новороденчето тежи 6 или 2 килограми, нашите тимови се подготвени да обезбедат највисоко ниво на грижа и за бебето и за семејството“, изјавила таа, додавајќи дека се горди на квалитетот на породилната нега што се нуди во нивната установа.


