Сметка за струја / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Регулаторна најави укинување на блок-тарифите, струјата така ќе поскапи за тие што најмалку ја трошат

Ова најмногу би ги погодило пензионерите и луѓето кои живеат сами, кои трошат најмалку струја и затоа сега ја плаќаат најевтино

Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, изјави дека се анализира методот на пресметка на сметките за струја, кој во моментов е базиран врз посебни групи потрошувачи во блок-тарифи. Според Ристов, се бара „поправично решение“ за наплата на потрошената струја, а тој смета дека постои простор за промени, бидејќи граѓаните сега плаќаат различни цени за ист производ.

„Можно е да воведеме нов, поправичен модел. Неправично е истата струја да се плаќа по различна цена. Не може да постојат повеќе цени за ист производ. Ќе ги разгледаме досегашните искуства и ќе направиме анализа“, изјави Ристов.

Четирите блок-тарифи за струја во Македонија беа воведени од претходната влада во 2022 година – целта, како што тогаш беше објаснето, е да се заштитат и да се стимулираат малите потрошувачи, да се амортизира ценовниот шок од тогашната енергетска криза и да се охрабрува штедењето.

Според проценките на експертите, струјата може драстично да поскапи со најавената промена. Најмногу треба да ќарат најголемите потрошувачи, кои досега плаќаа највисока цена по киловат-час. Од друга страна, ова би ги погодило домаќинствата кои трошат најмалку струја, а најзагрозени би биле пензионерите и луѓето кои живеат сами.

Дениз Мустафаоглу од Здружението на инженери енергетичари во изјава за ТВ „24“ вели дека изјавата на Ристов за укинување на блок-тарифите му се чини паушална и оти тој се сомнева дека размислувањата на првиот човек на РКЕ ги делат другите членови на Комисијата.

„Претседателот на РКЕ се обидува да ѝ удоволи на ЕВН, и понатаму да може да издава сметки кои не се веродостојни на потрошената електрична енергија и во тој правец сака да ги поедностави работите, со тоа што сака да има една средна цена на струјата и врз основа на таа средна цена да се изготвуваат фактурите. Кога ги направивме проценките, излегува дека ќе имаме за 34 отсто поскапа струја“, вели Мустафаоглу.

Левица смета дека дека предложените промени директно ќе ги погодат најсиромашните граѓани. Од партијата велат дека со укинувањето на блок тарифите струјата ќе се третира како класична пазарна роба со единечна цена.

„Доколку РКЕ донесе ваква одлука, тоа директно ќе биде удар врз најсиромашните. Според пресметките, семејство што штеди струја и останува во првиот блок би плаќало до една третина повисока цена на годишно ниво“, велат од Левица.

Партијата дополнително обвинува дека Ристов се става во функција на приватниот капитал и на страната на ЕВН Хоум, кој е универзален снабдувач. Во реакцијата се посочува и дека РКЕ не се осврнала на проблемот со паушалните сметки без реално отчитување, ниту на можноста за проширување на евтината тарифа.

Во Албанија струјата за домаќинствата нема да поскапи цела следна година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот