Речиси секој трет граѓанин на земјава живее во странство – Муцунски ја презентираше стратегијата за соработка со дијаспората
Според податоците на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики, добиени во декември 2022 година, 38,4 проценти од македонската дијаспора живеат во земјите од Европската Унија, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголемите македонски заедници се наоѓаат во Австралија, САД и во Канада.
Во последната деценија, Македонија, како и поголемиот дел од Југоисточна Европа, се соочува со изразени миграциски предизвици. Проценките покажуваат континуиран раст на бројот на иселени граѓани, кој денес се смета дека надминува 30 отсто од вкупната популација, односно повеќе од 700.000 луѓе, објави „Дојче веле“.
Препорачано
Според податоците на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики од декември 2022 година, македонската дијаспора се проценува на 693.896 луѓе. Од нив, 38,4 отсто се населени во земјите од Европската Унија, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголеми македонски заедници постојат во Австралија, САД и Канада.
„Државата не создава ад-хок мерки“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го презентираше предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“ – петгодишен план што треба да го унапреди односот со дијаспората, иселениците и со припадниците на македонското малцинство во странство.
Муцунски нагласи дека стратегијата не е само формален документ, туку јасен показател за решеноста на државата да им пристапи на иселениците со „системски, суштински и со долгорочен ангажман“.
— Ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство со институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, со дијаспората — рече Муцунски.
Муцунски додаде дека „државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“.
Што предвидува оваа стратегија?
Стратегијата предвидува и посебна владина програма за реинтеграција на повратниците, односно „за сите кои сакаат да се вратат дома и повторно да се вклучат во општествениот и економскиот живот“.
Планирано е во општините да се воспостават „офицери за врска“, кои ќе служат како посредници меѓу дијаспората и централните институции, а Владата ќе има можност да назначи и „специјален пратеник за дијаспората“.
„Многумина иселеници се спремни да инвестираат во бизниси“
Во стратегијата се потенцира дека дијаспората е значаен економски и социјален фактор. Освен дознаките, многу иселеници имаат високи приходи и се подготвени да инвестираат во мали и средни бизниси, недвижнини и социјални проекти.
Економската улога на дијаспората е значајна, анализира „Дојче веле“, а дознаките од иселениците покриваат 4–10 отсто од БДП и претставуваат стабилен извор на девизи. Иако постојат програми за нивно вклучување во инвестиции и стартапи, реализацијата е ограничена, но потенцијалот за повратни инвестиции е голем.
Според глобалната анкета на „Македонија 2025“ (јули–септември 2025) со 1.436 учесници од 50 земји, иселениците честопати се соочуваат со административни пречки и со слаб пристап до дигитални услуги. Сепак, се вели во текстот, многумина имаат волја да учествуваат во развојни и во инвестициски иницијативи, доколку постојат јасни канали за комуникација.
Околу половина од анкетираните би размислиле за подолг повраток, а четвртина велат дека тоа е многу веројатно. Најважни услови за враќање или инвестиции се стабилни институции, владеење на правото, намалена бирократија, поголема транспарентност и подобри економски можности.


