Реагираат родители: Тој ден во градинката имало музичка желботека, децата играле и на друга музика

Деца во градинка играат на турбофолк песна Фото: Принтскрин/Јутјуб

Откако до редакцијата на „Слободен печат“ револтиран родител испрати видеоснимка на која се гледа како воспитувачка од градинка на петгодишни деца им пушта турбофолк песни, ги снима и им вика да играат и да пеат, со реакција се огласија родителите на повеќе деца од групата, кои велат дека снимката е извадена од контекст, бидејќи тој ден во градинката се играле и пееле секакви песни, затоа што била организирана музичка желботека.

„Секое дете во рамките на слободните активности кои ги имале тој ден, имало право и кажало по една музичка желба и тоа најразлични музички желби од најразличен жанр – со забавна, класична, народна содржина и овие песни биле пуштени од воспитувачот. Затоа воопшто не е издржано тврдењето за тоа дека децата се едуцираат и забавуваат во градинка со турбо фолк песни, од причина што тематската содржина тој ден била музичка желботека, а потоа преку адукација, детска игра и разговор приспособен токму на таа возраст на која припаѓаат децата, тие се воспитуваат и едуцираат согласно програмата на воспитувачот, за која ние како родители сме задоволни“, се вели во реакцијата испратена до „Слободен печат“ и потпишана од 39 родители на деца од конкретната група од градинката во скопската населба Карпош.

„Навистина е жално петгодишни деца, со дел од снимка која не покажува содржина, каков што е насловот на видеото и како што е реакцијата од анонимниот родител, да бидат искористени за погрешни цели. На видеото се гледаат деца како играат, пеат и се забавуваат и тоа на вообичаен детски начин, адекватен на нивната возраст“, додаваат родителите во реакцијата.

Министерството за труд и социјална политика, по објавувањето на веста, одлучи да спроведе вонреден инспекциски надзор во градинката.

– Надлежните инспекциски служби ќе ја утврдат фактичката состојба околу спроведувањето на Програмата, по што ќе предложат соодветни мерки, соопштија од МТСП реагирајќи брзо по објавата на „Слободен печат“.​

Видео на денот