Разубавување на времето во кое живееме со седмиот „Дрим шорт“ во Струга

Седмото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ под мотото „Неопходна убавина“ ќе се одржи од 14 до 17 август во Струга. Фестивалската програма на „Дрим шорт“ и оваа година ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во четири натпреварувачки категории, и тоа регионална, интернационална, студентска и специјална програма со наслов „Соочување со минатото“ во селекција на режисерот Иван Бакрач.

Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special“ со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со „Докуфест“ од Косово и Сараево филм фестивал. Во соработка со „Еко-свест“ ќе биде претставена и ревијална програма на филмови чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.

– Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот кое овозможува многу различни умови својот колективен труд наречен филм да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што остануваат врежани во колективната меморија. Денес, кога околу нас видливо недостасуваат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина – посочуваат од „Дрим шорт“.

Неизбежен сегмент од фестивалот повторно ќе биде едукативниот дел, пропратен со мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари. Во рамки на фестивалот ќе бидат одржани две дискусии. Првата ќе биде на тема „Соочување со минатото“ во соработка со „Форум ЗФД Скопје“, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со „Еко-свест“ ќе биде на тема заштита на животната средина, и пред сѐ, Охридското езеро, а учество ќе земат екологисти и претставници на институциите.

„Дрим шорт“ по вторпат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм „Fund Ready“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм „Balkan Short Film Network“. Во музичката програма ќе настапат милениците на струшката публика „Фолтин“, а фестивалот ќе го затворат диџеите Diah и Бодан Јамакоски.

Фестивалот ќе биде реализиран во соработка со Министерството за култура, Агенцијата за филм, „Форум ЗФД Скопје“, „Вишеград Фонд“, „Јуроп хаус – Скопје“, „Вестерн балканс фонд“, НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга, „Еко-свест“, хотел „Београд“, хотел „Дрим“, Струшки вечери на поезијата, мезе-баровите „Кингстон“ и „Барабар“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот