Разорниот земјотрес хумано го мобилизираше Балканот: Македонците од срце им помагаат на Турција и Сирија

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Додека расте бројот на загинати од земјотресот во Турција и Сирија и тој според последните информации надмина 9.000 лица и веројатно уште ќе се зголемува а бројката на повредени се уште не се знае, огромната меѓународна помош за настраданите стигнува од секаде во светот. И покрај различностите во надворешните политики на земјите од Балканот по одредени прашања кои со децении ги нарушуваат билатералните односи меѓу државите, регионот деновиве сплотено како никогаш досега ги остави настрана недоразбирањата и сплотено помага на земјите погодени од разорниот земјотрес.

Помошта доаѓа во различен одблик, од финансиска преку помош во пожарникари, доброволци и спасувачи па се до граѓански донации во ќебиња, топла зимска облека и обувки но и пакети со конзервирана храна и хигиенски производи.

Состојбата е страшна, господ да им е напомош. На тие луѓе таму да не си им во кожа, вели Даверин Нуредин активист кој донира за настраданите од земјотресот во Турција на пунктот за донации на Плоштадот Македонија во Скопје. Додека македонските граѓани се солидализираат со турскиот и сирискиот народ, македонскта владата веќе испрати спасувачки тимови, Црвениот крст отвори телефонски броеви за донации, а многу општини најавија помош.

Давер Нуредин / Фото Слободен печат – Драган Митрески

– Во вакви чуствителни моменти треба да се истакне човечноста и солидарноста но и да се остават настрана сите предрасуди и предходни свои размислувања. Без солидарност нема ништо. За жалење се луѓето таму. Се надевам дека барем толку колку што можеме, минимално да помогнеме да ја поминат зимата“, истакна – Нуредин за „Слободен печат“ додавајќи дека секој кој може да дојде и да помогне макар тоа било и со една трошка, треба да помогне. Потребна е хуманоста како никогаш досега.

Во меѓувреме македонските спасувачки тимови, кои треба да помогнат во расчистување на урнатините и потрага по преживеани според најавите веќе треба да се пристигнати во Турција, додека припадниците на АРМ активно помагаат на турските власти во справувањето со природната непогода.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на својот профил на Фејсбук објави дека Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција.

Фото: Фејсбук профил на министерката за одбрана Славјанка Петровска

„Вкупно 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање заминаа во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес“, напиша Петровска.

Ова предходеше на одлуката на македонската влада на вонредна седница, која реши да испрати 40 обучени спасувачи со возила и опрема и 24 припадници на АРМ со две трагачки кучиња. Меѓу спасувачите има пожарникари од Струмица и од Тетово, кои со возила и опрема за спасување од урнатини, тргнале за Турција. Со оглед дека се работи за оддалеченост од 1800 километри, очекуваат да пристигнат во погодените подрачја веќе утре изутрина и да се задржат во Турција најмалку десетина дена.

Во исто време во земјава се отворени и телефонски линии на дел од телекумуникациските оператори па граѓаните можат и да донираат финансии за настраданите во Турција и Сирија. Од Црвен крст на град Скопје информираа дека еден од начините да се помогне на настраданото население е со донирање со 100 денари по повик на телефонскиот број 143 400. Пари може да се уплатат и на сметката на фондот за солидарност на Црвен крст.

ФОТО: Колаж Танјуг: Српски спасувачки тим

Српски спасувачи со опрема и кучиња вклучени во потрагата по преживеани во Турција

Хуманата слика го обиколува Балканот. Србија некаде на почетокот од неделава испрати два специјални тима (12 лица по тим) и офицери за врска да помогнат на Турција по земјотресот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ по разорниот земјотрес нареди веднаш да се испрати се што треба и може да направи Србија. Вучиќ упати и сочувство до турскиот народ, во кое истакна дека „Србија е подготвена да ја понуди сета потребна помош“, пренесува спрски Курир

Грчки лекари и кучиња трагачи ќе помагаат на турските власти

Спасувачки тим, лекари, кучиња спасувачи и специјално возило Грција се веќе во Турција, јавуваат грчките медоуми за да се помогне во справувањето со последиците од силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени. Помошта од Грција е по наредба на грчкиот премиер, а таа е се испрати со воен авион од Атина кој замина во Турција. Грчкиот тим е составен од 21 пожарникар од специјалната спасувачка единица со две кучиња спасувачи и специјално спасувачко возило, придружувани од инженер од противпожарната служба, пет лекари и спасувачи од брзата помош, како и претседателот на Организација за планирање и заштита од земјотрес.

ФОТО: Бугарски воени авиони од типот Спартан, вклучени во помошта кон Турција и Сирија

Софија со два воени авиони ќе помага во Турција

Бугарскиот привремен министер за одбрана Димитар Стојанов на 6 февруари изјави дека е во тек логистичка операција за транспорт на тим за итни случаи на општина Софија до аеродромот во Адана во Турција по разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија, оставајќи стотици мртви, илјадници повредени и големи оштетувања на згради. Министерството за одбрана истакна дека испраќа тим на воено-медицинската академија да помогне на турските власти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот