Разговор со Викторија Варадинова, кик-боксерка: Ги предизвикувам кик-боксерките од целиот свет!

Таа е државен првак цели шест години, (2014-2020 г.), освоила повеќе од 70 први места на меѓународно ниво, повеќекратна освојувачка е на европски купови, двапати била второ место на балканско првенство, трето место на светско првенство и трето место на европско. Наше девојче, кик-боксерка, Викторија Варадинова.    

Би рекле дека тренира кик-бокс? Е да, тренира, и тоа како! И на тоа се должи голем дел од нејзината убавина. Оваа женствена девојка тренира кик-бокс од својата 12 година, а сега има 19. „Скоро половина живот“, се насмевнува Викторија. Тренинзи има секој ден во седмицата, освен во недела. А кога е во подготвителен период, тогаш тренира секој ден по двапати.


Се обидувам приватниот живот да го држам подалеку од т.н спортски живот. Очигледно и успевам во тоа, зашто сè повеќе луѓе што не ме познаваат ми велат „Зарем ти тренираш кик-бокс?!”

Кик-боксот генерално се поврзува со „насилство“. Дали е тоа навистина насилен спорт? Што е за тебе кик-боксот?

– Кик-боксот како спорт воопшто не е насилен, бидејќи нас тренерите не нè учат да се убиваме, да се тепаме по улици, да правиме проблеми и слично. Едноставно учиме како да станеме подобри луѓе, учиме нови вештини, во денешниот свет учиме како да се одбраниме самите себе ако дојде до таква ситуација. За мене лично кик-боксот е начин на живот, секојдневие, и не можам да си замислам ни само еден ден поминат без него.

Девојка и кикбоксер. На сите фотографии очигледа е твојата силна женственост. Која е врската помеѓу овие две димензии во вашиот живот?

– Секој човек денес има две страни во животот. Се обидувам приватниот живот да го држам подалеку од т.н спортски живот. Очигледно и успевам во тоа, зашто сè повеќе луѓе што не ме познаваат ми велат „Зарем ти тренираш кик-бокс!?“.

Практикуваш ли посебен режим на исхрана и каков?

– Па, реално, обожавател сум на брза храна. И некогаш знам да си дозволам, еднаш во две недели. А инаку да, како и секој спортист и јас сум со посебен режим на исхрана, кој морам да го почитувам.

Дали за врвни успеси потребна е и специфична конституција на телото?  

– Изгледот на телото понекогаш знае и да лаже. Нормално, спортистот треба да изгледа и да личи на спортист, но пак ќе кажам не е сѐ до него.

За мене кик-боксот е начин на живот, секојдневие, и не можам да си замислам ни само еден ден поминат без него.

Дали се чувствуваш како девојка која го предизвикува светот или како девојка која е способна да го промени светот?

– Да го предизвикувам светот не би рекла, но девојките што се занимаваат со кик-бокс во светот, може (се смее, н.з). Голем инат сум по карактер и сакам да влегувам во предизвици.

Веројатно си се нашла во ситуација на жртва на страв. Веројатно знаеше како да реагираш и да го канализираш тоа чувство, да му се спротивставиш. Каков совет би им дала на жените жртви на насилство, кои живеат во кафез на страв?

– Во сите овие години што тренирам, досега не сум се нашла во некоја таква ситуација, освен еднаш, кога еден човек ми го украде паричникот, но се реши сè без големи драми. А, за жал, сè повеќе девојки и жени се жртви на насилство. Мој совет е да не се кријат, да немаат страв од тоа да пријават и да продолжат со молчење… Сепак, не можам да кажам ништо повеќе на оваа тема, освен дека не поддржувам насилство.

Кои се твоите следни цели?

– Прво ќе ја нагласам мојата следна борба што ќе биде на 5 декември во Нови Сад, Србија. Професионална борба по К1-правила. Потоа желба ми е да направам поголем резултат од претходната година, каде што освоив бронза, трето место на светско првенство, сега сакам да го подобрам тој резултат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот