Разговор со Сара Јанковиќ: Пливањето е одличен спорт, посакувам уште многу медали и рекорди

Една од најперспективните пливачки на Македонија, Сара Јанковиќ/Фото: Plivacki Klub Skopje

– Условите за тренинзи се добри, тренирам на базенот „Борис Трајковски“. Презадоволна сум организациски од пливачкиот клуб „Скопје“, од Иван Банов, кој пет години ми е тренер, од Мето, Тања и останатите тренери – вели македонската пливачка.

Пливањето е една од најдобрите активности со која можете само да му помогнете на своето тело. Можеби еден од најтешките, но и дефинитивно еден од најздравите спортови.

А пливањето претставува важен дел во животот на една од најперспективните млади пливачки во Македонија, Сара Јанковиќ („ПК Скопје“) која поставува национални рекорди во повеќе дисциплини и возрасни категории, а некои од нив соборените рекорди беа стари 30 години.

Таа кон крајот на изминатиот месец на меѓународниот пливачки натпревар „Бања Лука Опен“ запиша рекорди во дисциплините 50 и 100 метри градно, севкупно со три први и три втори места во Бања Лука, Босна и Херцеговина.

Фото: Комен Куп 2021 Белград, Србија

Кога се одлучи за пливањето, што беше причината да бидеш дел од овој спорт?

– Почнав да тренирам пливање на возраст од седум години. Сега имам 14 години, тренирам пливање веќе цели седум години. Пливањето е познато како спорт кој придонесува за правилно држењето на телото и за правилен раст и развој и токму тоа беше главната причина да станам дел од овој спорт. Многу ми се допадна и еве, сè уште тренирам.

Што претставува за тебе пливањето, колку тоа помага за развивањето на телото, дали според тебе има доста интерес од помладите да пливаат, професионално и рекреативно?

– Пливањето претставува многу важен дел од мојот живот. Веќе неколку години тренирам речиси секој ден, а често одам и на натпревари. Пливањето е одличен спорт кој придонесува за правилно развивање на телото и го подобрува севкупното здравје на човекот. Тренирам и се натпреварувам со многу мои врсници, па според тоа мислам дека има интерес за пливањето кај помладите.

Фото: Скопје Опен 2021, Сара Јанковиќ со нејзиниот тренер Иван Банов

Пливачкиот клуб Скопје освои 20 медали на меѓународниот натпревар „Бања Лука Опен“, во твоите настапи оствари рекорди во дисциплините 50 и 100 метри градно. Севкупно освои прво место на 50 градно квалификации, второ место во финалето, првопласирана на 100 метри во квалификациите и во финалето. Второпласирана на 400 метри слободно, и на 1500 метри апсолутна категорија. Колку си ти задоволна од настапот, колку беше силна конкуренцијата и дали ова е мотив плус за тебе пред следниците предизвици?

– Конкуренцијата беше силна, на натпреварот учествуваа многу натпреварувачи од девет држави, нашиот клуб постигна одлични резултати. Задоволна сум од настапот, сметам дека постигнав добри резултати во сите дисциплини во кои настапував. Во скоро сите дисциплини во кои се натпреварував ги подобрив своите претходни резултати. Особено им се радувам на остварените национални рекорди на 50 метри градно (во кадетска, младинска и апсолутна категорија) и на 100 метри градно (во кадетска и младинска категорија). Успешниот настап секогаш ми е мотив за постигнување на што подобри резултати на идните натпревари.

Кои досегашни успеси ги одвојуваш најдраги на домашната и меѓународната сцена?

– Најпрво, да ги издвојам постигнатите национални рекорди во повеќе дисциплини и возрасни категории. Некои од рекордите кои ги соборив беа стари 30 години. Повеќепати ги соборував и некои од сопствените рекорди.

На 25 метарски базен постигнав национални рекорди во дисциплините 50 метри градно и 100 метри градно (во пионерска, кадетска, младинска и апсолутна категорија), и во дисциплина 200 метри градно – во пионерска категорија. На 50 метарски базен постигнав национални рекорди во дисциплината 50 метри градно (во кадетска, младинска и апсолутна категорија), во дисциплината 100 метри градно (во кадетска и младинска категорија) и во дисциплината 200 метри градно (во кадетска категорија).

Дел сум од пливачки штафети кои се носители на национални рекорди во повеќе дисциплини и категории. Имам освоено многу медали на државни првенства во повеке категории и дисциплини. Се натпреварував на Медитеранскиот Комен куп минатата година во Белград, освоив пехар за најдобар пливач во својата категорија на „Скопје Опен 2021“, успешно учествував на многу други натпревари во земјата и странство.

Член си на пливачкиот клуб Скопје, кажи ни какви се условите за тренинзи, дали сте задоволни организациски од клубот?

– Условите за тренинзи се добри, тренирам на базенот „Борис Трајковски“. Презадоволна сум организациски од клубот, од Иван Банов, кој пет години ми е тренер, од Мето, Тања и останатите тренери. Тимски, за сите групи од клубот, со тренерите, се организираат зимски, летни и пролетни подготовки. Атмосферата и другарството во клубот се одлични, се дружиме надвор од тренинзите. Ова придонесува пливањето да ни биде забавно и интересно. Настапуваме како клуб на многу натпревари во земјата и странство, со одлични резултати.

Фото: „Илинденски маратон Охрид-2021“

Кои настапи те очекуваат во следниот период и какви се очекувањата?

– Следни поголеми меѓународни натпревари на кој треба да учествувам како претставник на нашата држава се Комен Медитеранскиот куп во Лимасол, Кипар од 3-6 јуни, потоа Летниот Европски младински олимписки фестивал во Банска Бистрица во Словачка последната недела од јули. Следат уште многу други настапи на меѓународни натпревари во земјата и во странство, национални првенства. Се надевам дека ќе остварам уште пливачки рекорди, дека ќе ги подобрувам постојано своите резултати и ќе освојам уште многу медали.

Фото: Сара Јанковиќ имаше врвни резултати на „Бања Лука Опен“

Дали имаш омилен пливач или пливачка, или воопшто спортски идол кој за тебе претставува инспирација?

– Кејти Ледеки, пливачка од САД, со светски рекорди и медали од светски првенства и Олимпијади.

Покрај пливањето, дали имаш други спортови кои сакаш да ги практикуваш рекреативно, дали се внимава на исхраната?

– Покрај пливањето и училишните обврски не ми останува време за други спортски активности. Имам учествувано со добри резултати на натпревар по трчање и триатлон. Внимавам на исхраната, јадам разновидна храна и внимавам да ги внесам сите потребни состојки, витамини и минерали.

Кои се желбите кои што сакаш да ги оствариш во пливачката кариера, од аспект на учество на големи натпреварувања, нови медали, нови рекорди..

– Би сакала да остварувам сè подобри резултати, да освојам уште многу медали, да остварам уште пливачки рекорди. Би сакала да се квалификувам за да бидам претставник на нашата држава на европски, светски, други поголеми меѓународни натпреварувања.

Што според тебе треба да го краси еден пливач, воопшто спортист, за да успее да дојде до добар резултат?

– Треба да има љубов кон пливањето, да биде дисциплиниран, издржлив, напорно да тренира, да има натпреварувачки дух. За добри резултати е доста важно да се има добар тренер. Ако се занимаваш со спорт, мора да си добро организиран, за да се стигне да се оди на тренинг редовно, на училиште, да се завршат сите обврски. Горда сум што освен успесите што ги постигнувам во пливањето, ги завршувам успешно и училилишните обврски. Одличен ученик сум со сите петки во осмо одделение во ОУ „Петар Поп Арсов“ и имам освоено награди на натпревари по повеќе предмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот