Разговор со поетесата Радмила Петровиќ: Полесно е кога си аутсајдер

Младата српска поетеса Радмила Петровиќ од 2 јули до крајот на месецот престојува во Скопје во рамките на книжевната резиденција „Читајќи го Балканот“, проект поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Првата средба со стиховите на Радмила Петровиќ открива нови хоризонти на поетскиот израз, креиран како меѓупростор во кој се втемелени искуствата од животот во рурална и во урбана средина. Првата средба, пак, со поетесата Радмила Петровиќ открива дека сето тоа навистина е доживеано и искрено, едноставно и спонтано ставено на хартија.

Поетесата Радмила Петровиќ (1996) е една од најомилените авторки, особено на помладите читатели, во соседна Србија. Нејзиното присуство во Скопје беше можност да ги откриеме нејзиниот чист резон на размислување, здрав оптимизам во животот и страст кон пишувањето поезија.

Како се случи да бидеш дел од проектот „Читајќи го Балканот“ со кој доби можност да престојуваш на книжевна резиденција во Скопје?

– Кога аплицирав за книжевната резиденција беа понудени повеќе градови, како Сплит, Скопје, Тирана, Сараево и требаше да направиме список на желби во кој град би сакале да одиме. Искрено, мене првата желба ми беше Сплит, поради морето, а Скопје ми беше втората желба, бидејќи навистина сакав да го видам овој град. Се случи резиденцијата да биде во Скопје и мило ми е што излезе така, бидејќи овде се чувствувам како да сум дома. Сите ме разбираат кога зборувам на српски јазик, сите сакаат да поразговараат со некој што дошол од Белград и имам чувство како да сме ист народ, бидејќи не гледам големи културолошки разлики.

Покрај прошетките низ градот, успеа ли да се запознаеш со некои од македонските поетеси и поети?

– Се запознав со поетот Јовица Ивановски, кој ме прошета низ целиот град. Се сретнав и со Јулијана Величковска, која е уредничка на „ПНВ Публикации“, и веќе се договоривме да биде објавено комерцијално издание на мојата единствена книга што досега е преведена на македонски јазик, а тоа е стихозбирката „Мајка ми знае што се случува по градовите“. Книгата веќе е објавена во рамките на проект, но не е достапна до пошироката публика во книжарниците.

Твоето доаѓање во Скопје се поклопи со објавата на таа книга, која е твоја трета, по „Мирисот на земјата“ и „Целулозен рокенрол“, а прва што е преведена на македонски јазик. Како се случи некој што дипломирал на Економскиот факултет во Белград да влезе во светот на поезијата?

– За луѓето кои студирале факултет за книжевност мислам дека тоа малку ги блокира во пишувањето. Полесно е кога си аутсајдер, кога доаѓаш однадвор и кога не знаеш премногу за стиловите на пишување. За пишување поезија не треба огромно предзнаење и многу е интересно да се биде аутсајдер. Тоа дава многу повеќе енергија и поттик да влезеш во област која недоволно ја познаваш. На тој начин можеш да бидеш свој, автентичен и оригинален во изразот.

Голем оптимист сум и верувам дека ќе дојде време кога ќе можам да живеам од пишувањето поезија

Твоите три досегашни книги се проследени со одлични рецензии и неколку награди во Србија. Во некои од нив има и жанровско дефинирање на правецот како „рурална поезија“. Од каде произлезе тоа?

– Со оглед на тоа што 19 години живеев на село, а дури потоа заминав да студирам во Белград, најмногу импресии носам од руралната средина. Во текот на студиите четири години бев посветен и вреден студент и речиси 90 отсто од времето ми поминуваше во учење. Кога ја пишував третата книга градот, сѐ уште, не беше стигнал да влијае на мене. Но, исто така, во таа збирка сакав да пишувам за своето психолошко минато, а тоа е поврзано со селото. Бидејќи кога студирате во град, а најмногу време поминувате во учење, тогаш не можете многу од градот да вградите во поезијата. Но, мојата следна збирка, по сите искуства со градот, ќе биде под влијание на урбаното.

Употребата на „рурално“ во дефинирањето на поезијата е во најубавата и најпозитивната смисла на зборот, бидејќи и пандемијата на ковид-19 во овие година и пол не потсети дека луѓето што живеат во урбани средини веќе го изгубиле контактот со вистинската природа. Покрај студиите во големиот град, успеа ли да го задржиш личниот контакт со руралното?

– За време на карантинот поради пандемијата бев во моето село и сфатив која е вредноста на селото. Што и да се случи, да има недостаток на храна и вода, на село секогаш можеш да преживееш. На село имаш поток со вода, имаш домашни животни за прехрана и не мораш ништо да купуваш. Во градот изолацијата се сведува на седење помеѓу четири ѕида. Короната укажа на значењето на селото.

Колку со твојата поезија сакаш да упатиш порака до читателите дека треба да се вратат на здравиот и природен начин на живот, не спроти, туку со природата?

– Мојата поезија не го дефинира селото како некоја идилична средина, туку повеќе се однесува на психолошкиот профил на живеењето таму. Покрај тоа што е здраво да се живее, на село се случуваат и многубројни негативни работи, како злоставување на жените, владеење на суров патријархат и слично. Така што многу пишувам за таквите појави со што ја разбивам илузијата за селската идила. Секако, пишувам и за природата и за живеењето со природата, но знаете, ништо не е само црно и бело, ниту во мојата поезија, ниту генерално.

Пишувањето поезија ќе биде твое хоби или сакаш и професионално тоа да го работиш?

– Последниве години сфатив дека поезијата ми е многу важна. Се фаќам себеси како постојано размислувам и постојано запишувам некои можни стихови. Инаку, во овој период повеќе ми е хоби, бидејќи една година работев како економист. Веројатно ќе продолжам да работам како економист, бидејќи е тешко, речиси невозможно, да се живее од пишување поезија. Но, би сакала во некој период од животот пишувањето да ми биде главната преокупација. Голем оптимист сум и верувам дека ќе дојде време кога ќе можам да живеам од пишувањето поезија. Сега е најреално да живеам од тоа што сум го завршила за да можам да создадам некоја идна ситуација во која ќе можам да живеам од тоа што сум го напишала.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот