Разговор со Марта Пејоска, едриличарка: При средбата со големата вода владеат други правила! 

Охриѓанката Марта Пејоска е веќе докажана дизајнерка на накит, по образование е архитект, а едрењето и е голема страст и нема поврзаност со професијата и образованието. Освен, ако не фрлиме и втор поглед, па речеме, на оваа успешна и енергична жена, едрењето ѝ е втора професија.

Со едрењето се запознала од најрана возраст. Не поради тоа што е од Охрид и што живее покрај езеро, туку поради присуството на едрилицата како пловен објект во нејзиниот дом. Имено, едриличарската приказна на Марта Пејоска ѝ била судена, почнала неколку години пред да се роди, кога нејзиниот татко, архитект и дизајнер, ја изработил семејната едрилица, петметарски брод, класа Јола. Кога Марта била на возраст доволно за да може да разбере што е едрењето, не ѝ требало многу време за да покаже желба и таа да научи да едри. Така, постепено почнала со татко ѝ и братот да одат на едрење со нивната едрилица, во различни временски услови и да навлегува во овој спорт.

– Добро го паметам моментот, татко ми ја едреше едрилицата, само што не го поминавме Канео, дуваше северен ветер и ми рече: сакаш да научиш да едриш?! – Дојди. Ме седна на неговото место, ми ја даде крмата во едната рака, шкотата од едрото во другата рака и тоа беше тоа. Морав да се снајдам и да го фатам ветрот. Оттогаш неколку лета со ред, речиси секое попладне бевме во вода, до доцна во ноќта. Така се изгради мојот однос кон водата, кон природата, кон едрилицата и остави белег до ден денес, ја започнува Марта својата едриличарска приказна.

Вели дека едрењето како вештина брзо се совладува, но потребен е тренинг, многу часови поминати во вода, во различни временски услови и на спортски регати за подробно да се сфатат и научат работите. Во едрењето има математика, физика, аеродинамика и стратегија, односно тактика. Преку едрењето од најмала возраст се учи и на ред и дисциплина, одговорност за себе и за едрилицата, а подоцна и функционирање во тим.

Сега пак, на оваа возраст, после толку години поминати во и со водата, на едрилицата, Марта вели дека страста не ѝ била никогаш поголема. Цело знаење и искуство се акумулирале и процесирале, и сега доаѓа она вистинското уживање. Излегување од нашите, сопствените граници, сретнување со големата вода каде владеат други принципи и правила на игра.

Не се работи за скротување на ветрот или потчинување на едрилицата во вашите раце. Токму напротив. Се работи за синергијата која настанува кога правилно ви се натримани едрата, кога има добар ветер и едрилицата се движи како што треба. Фото Нина Арсовска.

Кое е задоволството од едрењето?

Не секогаш е едноставно тоа да се опише и долови со зборови. Се работи за едно специфично индивидуално чувство на слобода, трка со ветрот, заедништво со бродот. Посебно кога сте во милост и немилост на временските услови и кога постојано се докажувате на самите себе дека вие тоа го знаете и умеете. Не се работи за скротување на ветрот или потчинување на едрилицата во вашите раце. Токму напротив. Се работи за синергијата која настанува кога правилно ви се натримани едрата, кога има добар ветер и едрилицата се движи како што треба. Тогаш, тоа е вистинско уживање и задоволство. Од друга страна пак, тука се тишината на ветрот и звукот на водата. Перцепција на околината од друга перспектива. Кога ќе снема ветер и сè наеднаш застанува, или кога доаѓа ветер или ќе удри невреме, а вие сте среде вода. Сетилата тогаш поинаку се изоштруваат. Кога ви е доста, ама сакате уште, кога би останале два дена во вода, зошто немате никаква потреба од копно. Се учите на едноставност, земате со себе само она што ви е потребно и доволно. Кога не сте сами, важно е и со кого сте на едрилицата, кој е дел од вашиот тим. Кога сте подолго во вода, едрилицата ви станува куќа.

Во мојот ранец, секогаш спремен за влегување во вода, покрај основната опрема за едрење, за секакви услови, има и дефтер и дебеломинец, книга и чоколадо.

Сè е тренинг и ослободување од сопствените ограничувања. Фото Нина Арсовска

Исто така, задоволство е кога едриш со својот тим, со твоите пријатели едриличари. Кога сте во вода и се погодил добар ветер и едноставно ја користиш привилегијата која ја имаш. Тоа е вистинско уживање. Освен во летниот период, кога во вода има повеќе едрилици, во остатокот од годината сме сами во Охридското Езеро. И едрењето во зимскиот период си има своја убавина. Тогаш е сè исто, само малку постудено. На крајот, сè е тренинг и ослободување од сопствените ограничувања.

Се вели дека едрењето е спорт резервиран за богати, дали е навистина и кај нас така?

Се вели и дека едрењето е кралски спорт. И едно и друго си имаат свое зошто. Да тргнеме од самото поседување на еден брод, неговото одржување, постојано набавување нова опрема, обновување на системите… Едрењето и поседувањето на едрилица отсекогаш се сметале за привилегија на богатите. Меѓутоа, не секогаш газдите на едрилиците се и оние кои ги едрат истите. Па, затоа мислам дека е подобро да си скипер кој знае да едри, отколку да имаш едрилица и само да ти стои паркирана во некоја марина (се смее, н.з). Кај нас, повеќето едрилици кои се во приватна сопственост се на едриличари, ентузијасти кои одвојуваат сè што имаат за да можат независно да едрат. Инвестираат во себе и во својот брод и се трудат што е можно повеќе да го користат тоа. Сепак, нашето езеро има добри услови за едрење во поголемиот дел од годината и едноставно е огромна лична сатисфакција кога тоа може да го правите и дома.

Колку треба да се одвои за нова едрилица, а колку за опрема?

Зависи што сакате да имате, за кои услови, какви се вашите амбиции и до каде се вашите способности. Нова едрилица чини. Чини многу. И не само едрилицата туку и сè она што оди со неа. Индивидуалната опрема за едрење е друга приказна. Тоа нема крај. Кога имате едрилица, вие постојано инвестирате во опрема, како за неа, така и за вас. Опремата најчесто е и еден од главните фактори за вашата лична безбедност. Меѓутоа кога еднаш ќе се најдете во сурови услови, со добра опрема и бродот се однесува како што треба, тогаш уште еднаш сфаќате зошто квалитетот секогаш чини.

Што за тебе значи учество во регата, со какви предизвици се соочувате?

Ги сакам регатите. Регатното односно спортското едрење си има своја посебна убавина. Мене лично ми прави големо задоволство. Посебно кога денот на регатата изобилува со ветер и поголем број на едрилици се во вода. Предизвикот се знае – како да се победи. Спортскиот и компетитивен дух сите го носиме во себе. На регата не се натпреваруваат бродовите туку тоа е натпревар на тимовите меѓу себе. Посебно кога се работи за регата на домашен терен и кога пријателите на копно во еден момент стануваат опоненти во вода, тоа пред сè е многу забавно да се искуси и доживее.

Од пред десеттина години континуирано се зголемува интересот за едрењето, а со тоа се зголемува и бројот на едрилици кои едрат во класата јахтинг на нашево езеро.

На секоја едрилица има тим од четворица, петмина луѓе. Генерално, во текот на една натпреварувачка сезона се знаат основните тимови на секоја едрилица. Предизвикот е секогаш голем, а тоа е како успешно да се извози целата регата. Исто така, предизвикот е во членовите на тимот, колку се знаат меѓу себе, колку едреле претходно заедно, како се „наштимани“ и колку знаат што прават (се смее, н.з). Победата е секогаш во финесите, а доаѓа од функционалноста и знаењето на тимот и опремата на бродот.

Фото Ердал Лушо

Колку регатите бараат физичка и ментална подготвеност? Каква е подготовката?

Независно дали се работи за едно дневно регатно едрење, односно натпревар во Охридско Езеро или повеќедневно едрење на отворени води, физичката и менталната подготвеност треба да се одржуваат во континуитет. Со други зборови, мојата подготовка е постојана. Во различни периоди од годината имам различни тренинзи, но сепак се трудам што е можно повеќе да сум на едрилица и во вода. Јас едрам во класата јахтинг, последниве десттина години. Познавањето на едрилицата која ја едрите и уште повеќе компактноста на тимот и неговата беспрекорна функционалност се еден од битните фактори кои треба да се донесат до совршенство. Регатите на нашево езеро претежно се случуваат во летниот период, кога и поголемиот број на едрилици се во вода. Сега за сега, на езерото има вкупно околу 50-тина приватни едрилици и катамарани. На регата излегуваат околу 20-тина. Желбата е еден ден, во блиска иднина, да ги видиме сите со полни едра во вода.

Фото Ердал Лушо
Фото Ердал Лушо

Колку жените кај нас се активни во овој спорт, дали се бројни или ретко се среќаваат?
Ги има, но сепак ретко се среќаваат.

Минатата година акцијата за чистење на Охридското Езеро, со едрилици и нуркачи, ја пофали и амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар. Дали годинава ќе има ваква акција?

Акцијата беше дел од кампањата #ЗАЧИСТОКАКОДОМАИСТО. Тоа беше едно попладне во септември, точно пред една година, нуркачите влегоа во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште во Охрид и го чистеа дното на езерото, а едрилиците едреа во заливот над пристаништето и собиравме сè што ќе најдевме да плута на водната површина. Едрилиците се едни од најеколошките пловни објекти моментално на Охридското Езеро. Ние ја користиме моќта на ветрот за движење, а моторот се користи минимално, само при испловување и паркирање. Со присуството на едрилиците на таа акција за чистење на езерото, меѓу другото, сакавме да ја зголемиме и свесноста кај публиката која беше на копно и кај надворешните гости што ги имавме на секоја едрилица поединечно. Да го доближиме едрењето до поголем број луѓе, како еден од најеколошките начини на користење на езерото кој директно придонесува за неговата заштита, која треба да ни е приоритет на сите.

Фото Ердал Лушо

фото Александра Христов
фото Александра Христов

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот