Разговор со Лила Мирчевска од „Клуб за читање книги“: Читањето ми претставува време за мене и грижа за себе

Лила Мирчевска/Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Лила Мирчевска/Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Читателската култура и желбата за запознавање нови светови преку книгата е благородна активност која младите очигледно ја негуваат. Токму за тоа пишувавме и разговаравме изминативе месеци, со неколку ентузијастки за читање и дискусии за книга – а тоа се девојките од „Клубот за читање книги“, на иницијатива на „Младите можат“, меѓу кои е и нашата денешна соговорничка, Лила Мирчевска. Таа е дел од оваа читачка дружина и со задоволство одговори на нашите прашања.

Што значи да се биде дел од „Клубот за читање книги“?

-Клубот ни е катче каде што секој е добредојден да го сподели своето мислење и книжевен предлог. Место исполнето со љубов, продуктивност и слободоумност, каде што книгата е катализатор за нашата духовна преобразба, но и взаемно зближување. Луѓе од разни позадини, со најразлични вкусови и навики за читање, цврсто обединети само со едно – пасијата кон пишаниот збор.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Книгите се ретка можност за споделување светови – кој е вашиот омилен книжевен свет во кој уживате?

– Мојот омилен книжевен свет е оној кој константно се стреми да ги сруши своите граници.  Ме фасцинираат автори и дела кои ги „пробиваат“ основите на пишувањето својствени за тоа време и место – излегувајќи од шаблонот на литературата и креирајќи нешто сосем ново и невидено. Па така, не е ни чудно што сум фан на модерната и пост-модерната литература, покрај тоа љубам класици и научна фантастика, а особено дистописки теми. Како мои омилени книжевни дела би ги издвоила „Франкенштајн“, што било од Кафка, од Орвел, од Буковски, „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“, „Игра во р’жта“; понатаму: книги наменети за деца од кои секој може да извлече длабока мудрост и порака – „Момо“, „Малиот принц“ – читајќи ја детската книга низ животот неочекувано различно ќе ја восприемаме…

Размената на книжевни искуства во современиот инстант-живот е реткост – што значи за вас читањето?

– За луѓето како мене, кои сакаат да „летаат со главата во облаците“, но истовремено тежнеат кон смисла и примена на сè што прават, читањето е добитна комбинација – мечтаење и учење сè во едно. Читањето има моќ целосно да ја разузда имагинацијата, но и да е прибежиште кон земскиот свет. Алатка за достигнување избистрена мисла и јасен говор. Читањето ми претставува време за мене и грижа за себе – нешто од есенцијална важност за современиот човек, кој е секогаш во брзаница и безумица од тековните обврски.

Книги/Фото: Ристо Пејовски
Книги/Фото: Ристо Пејовски

Која е пораката до читачите и книгољупците од вашиот клуб?

– Мојата порака кон сите книгољупци, па и оние кои не се, е да се ослободите од предрасудите, без разлика дали се насочени кон некој автор, дело, правец, или дури и кон самото читање книги – затоа што навистина никогаш не можете да знаете додека не пробате. Клубот ми овозможи да дадам шанса на дела кои инаку не би ги кренала своеволно, а на крајот искрено ми се допаднале. Од секоја област може да се извлече нешто интересно или корисно, само доколку бидете отворени кон нови искуства и личен раст – ако ништо друго, уште толку ќе го проширите вашиот светоглед. Од многу читање никој не видел лошо!

Прочитајте ги и останатите разговори со членовите на клубот:

Разговор со Михаела Стевковска од „Клуб за читање книги“: Читањето е проширување видици – „кул“ е да си млад човек кој чита

Разговор со Катерина Стевовска од „Клуб за читање книги“: Читајте и учете, бидејќи знаењето дава слобода

Разговор со Камелија Јаневска од „Клуб за читање книги“: Читањето е место каде што се чувствуваш како да си дома

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот