Разговор со Крсте Господиновски, автор на анимирани филмови: Создавањето ме следи целиот живот
По успехот на светските фестивали, краткиот анимиран филм „Неми филмови“ на Крсте Господиновски својата македонска премиера ја доживеа на шестото издание на „Флипбук филм фестивал“ во Скопје.
Препорачано
Новиот краткометражен анимиран филм „Неми филмови“ на македонскиот автор Крсте Господиновски, реализиран во продукција на „Фокус покус филмс“ и „Флипбук продакшнс“ со поддршка од Агенцијата за филм, својата светска премиера ја имаше оваа пролет во официјалната селекција на овогодинашното издание на најпрестижниот и најстар фестивал на анимирани филмови Анеси во Франција.
Филмот на кој работеше голема домашна авторска екипа својата македонска премиера ја имаше на „Флипбук филм фестивал“ во Кинотеката на Македонија во Скопје.
Какви чувства ве опфатија на проекцијата, имајќи предвид дека речиси целата екипа на филмот беше присутна на премиерата?
– Навистина е посебен дијалогот кој авторот преку филмот го води со гледачите, а особено драгоцен е дијалогот со домашната публика. Посебно ми е драго што според коментарите, не ја изневеривме домашната публика, која со нетрпение чекаше да го види филмот којшто, по склоп на околностите, прво го постигна својот успех на светските фестивали, за потоа да биде премиерно прикажан, како што е редот, на единствениот фестивал за анимиран филм кај нас, „Флипбук филм фестивал“. Незаменливо е чувството кога после осум години работа на еден краток анимиран филм, целата екипа ќе го изгледа заедно готовиот продукт, а потоа и ќе излезе заедно на сцената, да се поклони пред публиката.

Претходно филмот беше прикажан на фестивалот во Анеси и на „Анимафест“ во Загреб, а доби специјални признанија на „Супертон“ во Шибеник и „Инсомнија“ во Русија. Како странската публика реагира на приказната во филмот?
– Ќе почнам со Анеси, престолнината на авторскиот анимиран филм. Таму е секогаш исклучително тешко да се влезе, бидејки во таа тесна селекција влегува само најдоброто од целиот свет. Мислам дека анимацијата таму се доживува на сосема различен начин отколку во остатокот од светот. Деновите кога се случува фестивалот се буквално празник во градот. Оваа година беа продадени 18.000 акредитации, што значи дека 18.000 вљубеници во анимацијата од сите страни на светот дошле специјално да ја видат новата селекција и сите пропратни програми. И за да може ова да им се овозможи, сите проекции се повторуваат по четири пати во различни денови. После секоја проекција на филмот ние добивавме овации. По завршувањето на програмата, редици луѓе чекаа да не поздрават, да честитаат, да поразговараат, да се фотографираат со нас. Ова не е случајна публика, ова се сериозни ентузијасти и познавачи на анимираниот филм, а меѓу нив и сите водечките професионалци од индустријата, уметнички директори, професори, фестивалски селектори, претставници на најзначајните светски студија.
Но, морам да кажам дека подеднакво драго ми беше искуството и контактот со гледачите и на останатите фестивали кои ми се исклучително драги и кои, исто така, низ годините имаат изградено верна публика и собираат многу значајни гости од целиот свет, и тоа го прават во една поинтимна атмосфера. Особено ми се драги овие две награди на „Супертон“ и „Инсомнија“, кои јасно и недвосмислено ја потврдуваат вредноста на трудот и на уметничкиот пристап. На сите овие фестивали имавме одлично прифаќање на филмот, односно, освен техничката изведба, секаде беше топло прифатена емоцијата која тој ја носи, што за мене е најголемото достигнување.
Што беше клучно да го изберете расказот „Неми филмови“ од Димитар Димоски за адаптација како сценарио за анимиран филм?
– Една од работите беше податливоста и предизвиците на овој краток расказ да се преточи во анимациски јазик. Иако од расказот до сценариото имаше седум различни драфтови, љубовта и пластичноста со која беа создадени тие ликови и тие пространства, несомнено е пренесена и во филмот. Втора беше љубовта кон филмот како уметност. Несомнено, како и јас, така и Димитар и Жарко Иванов, коавтори на сценариото, се големи вљубеници во филмот, посебно во почетоците, раѓањето на оваа уметност. Тоа може да се види и во еден од претходните филмови на Жарко, „Кружно патување на Марето“. Иако, како и кај „Марето“, така и овој расказ имаше прилично локален контекст, за мене беше предизвик да го сместиме дејството во пошироки рамки и да ги видиме рекреирани во кукли најголемите ѕвезди на немото кино.

Каков предизвик е работата со техниката куклена стоп-анимација и колку време го правевте филмот?
– Стоп-анимација е една од најтешките анимациски техники. Таа бара огромна љубов, посветеност и, пред сѐ, трпеливост, бидејќи подразбира физичко создавање на цел еден минијатурен свет од ликови и пространства и понатаму негово оживување, фрејм по фрејм, без можност за враќање назад. И ако тоа не беше доволен предизвик, ние решивме филмот да има подвижна камера и да биде снимен целиот во еден кадар, нешто кое до сега не е изведено во стоп-анимација. За оваа цел, бидејќи зборуваме за подвижна камера, во ситуација во која работите фрејм по фрејм, мораше самите да изработиме моушн контрол камера систем, голем колку целото студио.
Секако, оваа одлука со себе повлече бескрајна серија на реобмислувања, прво на сценариото, драматуршки да се приспособи целото дејствие и да се обмисли како целиот живот на главниот лик, од детство до зрелост, да тече без престан во еден здив. Потоа целата сценографија која мораше да се приспособи за секој еден дел, сите ѕидови и подови, сите реквизити, да имаат можност за расклопување, за да се отвори пат за камерата, а да не зборуваме за осветлувањето. И замислете го сето ова, дури ги анимирате ликовите фрејм по фрејм, внимавајќи ништо друго да не се помрдне, затоа што во спротивност, ќе морате да ја снимате целата сцена од почеток. Затоа и филмот се работеше цели осум години.
Што лично те вовлече во приказната со правење анимирани филмови?
– Иако не потекнувам од уметничко семејство, создавањето е нешто кое ме следи целиот мој живот. Освен што сум цртал, изработката на фигуринки е нешто кое особено ме привлекувало откако знам за себе. Веќе на 9-10 годишна возраст, крадев жици и најразлични лепаци од татко ми и изработував фигури со жичана конструкција за себе, метод многу сличен на куклите кои ден-денес ги изработувам за своите анимирани филмови.
Исто така, од најраното детство бев вљубеник во источно-европската анимација и мислам дека таа љубов никогаш не престана. Кога потпораснав станав филмофил, па цело средно се спремав за упис на катедрата по режија, за на крај да завршам сликарство во Софија. Спојот на филмската и ликовната уметност ме вратија назад на првата љубов, анимираниот филм, единствениот медиум во којшто можам целосно да се изразам како автор.

На „Флипбук“ прикажавте 120 анимирани филмови од целиот свет. Каков е третманот на анимираните филмови кај нас?
– Секоја година се обидуваме да имаме се поквалитетна програма, да донесеме некој новитет, да го направиме „Флипбук“ попривлечен за домашната публика, но и за европските автори. Можам да кажам дека полека но сигурно, „Флипбук“ успеа да го премости неколку децениското затишје на македонската анимациска сцена и, од една страна, цврсто да ја втемели македонската анимација на светската мапа, а од друга страна, да создаде едно силно јадро на сладокусци и од година в година ова јадро, оваа верна публика на авторскиот анимиран филм да биде не само сѐ побројна, но и анимациски сѐ пописмена.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 295, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.8.2025)


