Јулијана Величковска, директорка на Скопскиот поетски фестивал / Фотографија: Валентина Миладинова

Разговор со Јулијана Величковска, директорка на Скопскиот поетски фестивал: Поетите отсекогаш биле хроничари

Со настанот наречен „(Со) стих спроти наратив!“ на 7 мај почна 6. Скопски поетски фестивал, што се одржува до 9 мај во Младинскиот културен центар и во „Буква“, а деталите за програмата ни ги открива Јулијана Величковска.

Стотина поетеси и поети од земјава и од странство учествуваат во активностите и на читањата во рамките на шестото издание на Скопскиот поетски фестивал. Голем дел од нив се млади што на фестивалот го пронаоѓаат својот простор за поетски израз. За сѐ да функционира како „под конец“ се грижи Јулијана Величковска, директорка на фестивалот.

Станува традиција на отворањето на Скопскиот поетски фестивал да бидат афирмирани младите поетски гласови. Каков знак е тоа за фестивалот?

– Скопскиот поетски фестивал од самиот почеток настана поради фактот што забележавме колку многу млади луѓе кај нас се интересираат за поезија, и колку малку внимание и поттик добиваат за да продолжат со таа уметност што го зачувува, го негува, но и го развива јазикот. Нашиот фестивал постои за да понуди сцена на која ќе се избришат разликите ‒ генерациски, стилски, јазични, културолошки. Тој е местото на кое ги поврзуваме поетите од повеќе генерации, од повеќе земји и култури, заедно со други уметници, какви што се музичарите, сликарите, фотографите, актерите, филмаџиите, но и со книжевните критичари, студентите по филологија и книжевност. Овде етаблираните автори го споделуваат своето знаење и умеење стекнати со искуството, а младите автори се носители на новото, понекогаш учат, понекогаш остро се спротивставуваат на тоа што им претходи. И со многу гордост ги примам честитките од колегите поети и организатори на слични фестивали кога ќе дојдат кај нас и ќе забележат: „Олку млади луѓе на поетско читање не сме виделе никаде и никогаш!“ А, ако говориме за младите како за некаков знак, ќе речам дека се знак дека македонската поезија има иднина!

Учесници на првата фестивалска вечер на 6. СПФ во МКЦ / Фотографија: Диме Данов

Што донесе главната фестивалска програма и со колку поетски читања се реализира?

– Во тимот се собравме толку многу ентузијасти, што, иако првично планиравме поумерена програма, што поради финансиите со кои располагаме и што поради многубројните други обврски и ангажмани што ги имаме, сепак таа наша поскромна програма некако стигна до настани на кои претставивме безмалку стотина учесници од вкупно девет земји.

Имавме гости од Кина, Турција, Словенија, Хрватска, Палестина/Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора и, се разбира, бројни домашни поети. Се одржаа четири поетски читања, а претходеше и „Отскочна даска“, настанот за млади; досега беа промовирани три поетски книги, проследивме еден многу убав поетско-музички перформанс, а претходеше и една работилница со младите поети.

Со која цел е поставено и каков одраз на програмата има фестивалското мото „(Со) стих спроти наратив! (Поезија, политика, пропаганда…)“?

– Живееме во тешки времиња и не можеме да премолчиме за сето тоа што го сведочиме – војни, геноциди, фемициди… додека некој се обидува сето тоа да го оправда преку разни пропагандни наративи што секојдневно ни се сервирани во медиумите и од алгоритмите, тенденциозно нарушувајќи ни го менталното здравје и држејќи нѐ во постојан страв за утрето што, можеби, нема да дојде.

Поетите отсекогаш биле хроничари, и можеби и најгласни критичари на општествените мани и неправди. Еден од тие поети е добро познатиот битник Ален Гинзберг, чијашто 100-годишнина од раѓањето ја поврзавме со мотото на фестивалот. Од потребата да се каже „царот е гол“ преку неговата, можеби, и најпозната песна „Рев“, до неговото значење како идол на младите ‒ „Кралот на Мај“, како што во 1965 г. бил прогласен од чешките студенти. Поезијата на Гинзберг и денес, 100 години по неговото раѓање, сѐ уште е актуелна и податлива за толкување и на денешните состојби во светот.

Автор на фестивалскиот постер е Андреј Павлов

Фестивалот е можност за промоција на нови поетски изданија. На кои изданија е ставен главниот акцент?

– Во принцип, промовираме книги чиишто автори се и учесници на фестивалот, па така, годинава акцентот е на панорамата на поезија пишувана од млади што ја приредив по повод минијубилејот 5 години „Отскочна даска“, во која се застапени 132 песни од сите 66 досегашни учесници на овој настан, но со многу внимание ги промовиравме и новите преводи на македонски јазик на избраните песни од Гонџа Озмен од Турција и на Кристина Шпиранец од Хрватска, изданија на „ПНВ Публикации“.

Следуваат промоциите на заедничката книга на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора, издание на „Култура Бета“, како и на наградуваната стихозбирка „Тускулум“ на Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“.

Какво место зафати Фестивалот во културната понуда на градот и има ли можности за понатамошен развој?

– Скопје има многу жива и богата културна сцена, толку многу што имаме по неколку настани од ист тип во една вечер и човек не знае каде попрво да појде. А можностите за развој секако се тука, и единствениот фактор за СПФ да стане тоа што отсекогаш сонувавме да биде – фестивал што ќе трае цела недела, за време на кој целиот град ќе дише поезија, со многу настани на различни локации, со гостувања во училиштата… со многу побогата програма и со многу значајни поетски имиња – се финансиите.

Поетските книги не се продаваат, но треба да се читаат, немаме култура за купување влезници за поетски настани, затоа, потребна е свест од Министерството за култура, од Град Скопје, но и општествена одговорност од поголемите компании, да го препознаат значењето на ваквите ретки културни настани и да нѐ поддржат, а потем само да го сведочат силниот импакт што тоа ќе го има на заедницата, и промоцијата на македонската култура со странство.

Последната вечер на шестото издание ќе се одржи на 9 мај во „Буква“. Која е програмата?

– Вечерва почнуваме од 19 часот со промоцијата на „Ништо ново под сукњата на современоста“, избор песни од Барбара Делаќ и Марија Вујошевиќ, од 20:00 часот е промоцијата на „Тускулум“ од Денис Шкофич, а од 21:00 часот е завршното поетско читање насловено „Диверсити“ (The Verse City / Diversity) на кое ќе настапат безмалку 20-ина домашни поети и дел од гостите од странство. Ги поканувам заинтересираните за поезија да ни се придружат, ветуваме добра забава!

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот