Разговор со германскиот писател Матијас Наврат: Трошка надеж во глобализираниот, постмодерен свет

Издавачкиот центар „Три“ на 26 март, со почеток во 19 часот, во МКЦ организира средба со две големи имиња на европската литература, шпанската писателка Ирене Сола и германскиот писател Матијас Наврат.

Двајца добитници на Европската награда за литература за 2020 година ќе бидат претставени на настанот „Уметноста на пишувањето: споделуваме приказни со европските писатели“. Станува збор за шпанската писателка Ирене Сола и германскиот писател Матијас Наврат.

На настанот ќе бидат промовирани нивните книги „Пеам јас и планината танцува“ и „Тажниот гостин“, објавени од издавачот „Три“, а промотор ќе биде Владимир Јанковски. Проектот е поддржан од „Креативна Европа“ и се реализира под слоганот „Читањето нè сплотува“.

Германскиот автор Матијас Наврат (1979) по потекло е од Полска, но од својата 10-годишна возраст живее во Германија. Иако на почетокот студирал биологија, во 2009 година се запишал на Универзитетот за уметности на Швајцарскиот институт за литература. Во 2012-та го објавил првиот роман „Ние двајцата сами“, а потоа напишал уште четири романи од кои најзначаен е „Тажниот гостин“, објавен во 2019 година и награден со Европската награда за литература во 2020 година.

Романот „Тажниот гостин“ е пишуван во прво лице, но повеќе личности се појавуваат како наратори. Станува збор за биографски, автобиографски или фиктивни белешки, кои се употребени во приказните на личностите?

– Главните ликови во „Тажниот гостин“ се засновани врз мешавина од автобиографски и фиктивни елементи. Од една страна, искуствата од Втората светска војна и ерата на комунизмот во Источна Европа, како и приказните и историјата на мигрантите во Берлин, кои се разгледуваат во книгата се засноваат врз минатото на моето семејство и на некои мои познаници (моите баби и дедовци ја преживеале војната, едниот дедо бил во Аушвиц, со моите родители емигриравме од Полска во Западна Германија кон крајот на осумдесеттите, а јас пораснав во Полска за време на последните години од комунизмот). Познавам многу луѓе што потекнуваат од Полска, Чешка или Романија, но и од Сирија и Турција, кои ми беа извор на инспирација за книгата и биографиите на главните ликови. Од друга страна, сите овие искуства во помала или поголема мера се преобразија во фиктивни искуства на фиктивни ликови. Ги замислив нивните животи црпејќи инспирација од луѓето што ги познавам, но додека го пишував романот нивните приказни доживеаја промена. Создадов ликови кои се единствени, кои живеат исклучиво во книгата. Јас не сум нараторот во книгата, иако тој споделува неколку биографски факти за мене. Додека ја пишував, си поигрував со формалната структура што ја нуди водењето дневник со цел да создадам што пореалистичен приказ на современиот живот во Берлин. Но, по извесно време одлучив таквиот стил да ми служи исклучиво за послободно смислување на приказната. Главните ликови, како архитектката Дорота или поранешниот доктор Дариуш, и нивните животи се измислени, иако изгледаат вистински.

Зошто се одлучивте за насловот „Тажниот гостин“?

– Оваа книга несомнено е најмрачната и најтешката што сум ја напишал досега. Разгледува метафизички прашања, на пример, како можеме да се надеваме на подобра иднина кога во текот на дваесеттиот век ги доживеавме најголемите злосторства во историјата на човештвото и светот? Главните ликови ги имаат изгубено своите корени, не само во географска смисла туку и во смисла на нивниот метафизички дом. Тие секојдневно се борат со чувството на бездомништво. Тие се само гости во нивните животи, кои трагаат по трошка надеж во глобализираниот, постмодерен свет исполнет со насилство и несигурност. Но, кој е тажниот гостин? Тоа може да биде и нараторот, кој се запознава со Дорота, Дариуш, Ели и останатите и претставува само гостин во нивните животи на кој тие му ги раскажуваат болните приказни од нивните минато и сегашност. Не знаеме многу за него – тој е тука само да ги ислуша, но преку него сите ние стануваме гости во животите на другите.

Романот содржи низа интелектуални, филозофски и научни ставови за работи што се случуваат или се случувале во изминативе 30-ина години. Какво е Вашето чувство за светот во кој живееме?

– Според мене, светот во којшто живееме денес е многу комплициран, каков што бил отсекогаш. Но на почетокот од деведесеттите години, додека растев во Бамберг, повеќето луѓе во Западна Германија сметаа дека историјата му припаѓа на минатото, дека демократијата го победила тоталитаризмот. Но сега гледаме дека глобализацијата и бруталниот капитализам, од една страна, и новите идеологии, од друга страна, создаваат нови конфликти и нови предизвици за надминување во политиката и во начинот на кој размислуваме. А овие конфликти влечат корени од европската и светската историја, но и од човековата природа, од алчноста, егоизмот и стравот. Создадовме нови, глобални техники за дехуманизација кои ги дистанцираат луѓето и ја уништуваат емпатијата. Социјалните медиуми овозможуваат продлабочување на разликите и забрзување на конфликтите. А парите се во милитаризацијата и уништувањето на природните богатства на нашата планета, која ни е единствен дом.

Што очекувате од гостувањето во Скопје?

– Се надевам дека ќе сретнам интересни луѓе. Се надевам дека ќе научам нешто за животот во Северна Македонија и во Скопје и дека ќе запознаам нови пријатели. Би сакал да дознаам што мислат луѓето тука за нивните животи, за Европа и за светот. Би сакал да дознаам кои се нивните проблеми, но и надежи. Со какви пречки и ограничувања се соочуваат, на што се смеат, радуваат и по што тагуваат. Се надевам дека ќе пробам вкусна храна и ќе ги посетам интересните места во градот. Се надевам дека одново ќе научам што значи да се живее на овој наш, заеднички континент.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот