Разговор со Дијана Имери Илкоска: Суштински важно е диригентот да биде пред оркестар
Со концертот „Монолог на тагата“, што беше изведен на 9 ноември во камерната сала на Филхармонија, беше претставен камерниот оркестар „ИД“ со кој работи диригентката Дијана Имери Илкоска.
Препорачано
Необично и инспиративно искуство донесе концертот „Меланхолија на тагата“ на кој музиката на композиторите Јан Сибелиус и Густав Холст беше вплетена во авторски прозен текст на Тина Иванова.
Како гости на камерниот оркестар „ИД“ настапија флејтистката Будимка Имери и кларинетистот Игор Бакревски, а текстот многу суптилно и со префинето чувство го интерпретираше актерката Симона Спировска.
Диригентката Дијана Имери Илкоска, која со музика почнала да се занимава на шестгодишна возраст, првенствено како пијанистка, со овој концерт оствари една своја долгогодишна желба – да состави свој класичен „бенд“. Со првите искуства како диригент се стекнала на 17-годишна возраст, а по студиите на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, првенствено на отсекот Музичка теорија и педагогија, продолжила да студира хорско и оркестарско диригирање во класата на професорот Саша Николовски – Ѓумар.
Во 2018 година го дооформува своето образование со звање Магистер по музичка интерпретација и композиција во класата на професорот Борјан Цанев.
Со новоформираниот камерен оркестар „ИД“ (ID) настапивте во камерната сала на Филхармонија. Со каква цел е формиран оркестарот и како беше селектирана програмата, која вклучи музичко и актерско дејство?
– Формирање камерен оркестар е една идеја што е со мене уште од студентските денови. Идејата беше поттикната од чувството и потребата да се создаде нешто што понатаму ќе отвори многу можности за музицирање, не само за младите диригенти, туку и за секој еден млад музичар што сака да го оствари својот порив за создавање, што е многу често и нормално чувство за еден уметник. Пандан на ова би биле музичарите што се занимаваат со популарна музика од различни жанрови (на пример, во рок-музиката), создаваат бендови во кои можат слободно да музицираат и да ги остварат своите музички креации.
Така и настана овој „бенд“, односно оркестар составен од фантастични музичари кои имаат да споделат многу музика. Чувството да се создава со луѓе кои ја делат вашата страст и љубов кон овој вид музицирање е навистина незаменливо. Програмата беше специјално одбрана за овој концерт, а меланхолијата и убавината на делата на Сибелиус и Холст го поттикнаа создавањето на прекрасниот текст на Тина Иванова, кој преку автентичната интерпретација на актерката Симона Спировска даде дополнителна димензија на концертот.

Кој е твојот начин на работа со оркестар како диригент?
– На секоја проба доаѓам со многу јасна и конкретна визија за тоа како треба да звучат делата што ги подготвуваме со оркестарот. Таа визија се темели, пред сѐ, врз детално проучување на партитурата преку формална, хармонска, оркестрациска анализа, потоа анализа на естетските и стилски обележја на делата и авторите, историскиот контекст на времето во кое тие дела се создадени при што се гради една автентична и убедлива интерпретација. Следниот чекор подразбира пренесување и споделување на таа визија со музичарите од оркестарот, работа на техничките предизвици, работа на звучната слика при што од особено значење е искуството кое кај еден диригент се гради постојано и би требало да е во континуиран раст. Покрај јасниот концепт, секогаш оставам простор за спонтаност и придонес од оркестарот, бидејќи музиката е жива материја која постојано се менува и збогатува, а оркестарската музика е производ на тимска работа и заеднички труд. Процесот се заокружува со концерт, а потоа анализа на концертот и одново градење на нова уште појасна и поконкретна визија. Нема скратен пат кон осознавањето на тајните на музиката.

Покрај самиот чин на диригирање со оркестар, што е суштински важно за секој диригент – изборот на партитури, дела и автори за изведување, следење на современи музички текови или специјализирање за одреден стил?
– Суштински важно е диригентот да биде пред оркестар, односно во постојан контакт со работата. Таму се случува вистинската школа, додека, пак, партитурите, книгите и проучувањето се дел од поткрепата на диригентот што се подразбира сама по себе.
На отворањето на сезоната 2022/23 во Филхармонија како подарок публиката го доби компакт-дискот „Филхармонија во срцето“, издание на „Кон:темпо“ (Con:tempo). Кои проекти се во фокусот на оваа дискографска куќа?
– Македонската класична и современа класична сцена доживува огромен раст во квалитетот и во динамичноста. Сето тоа треба да се документира за идните генерации, а „Con:tempo“ го дава својот мал придонес кон тоа. Во фокусот се проекти што се работат на високо професионално и уметничко ниво, проекти кои се уникатни и содржат иновации што може да бидат релевантни и на светската сцена. Сметам дека треба да има многу поголема ангажираност од медиумите во поглед на поддршка и презентирање на сцената до пошироката јавност. За жал, во моментов сѐ уште се чувствува таа голема празнина.

Живееш и работиш во музичко семејство, како сопруга на пијанистот Дино Имери, сестра на виолинистот Бојан Илкоски. Што ја прави разликата помеѓу животот и музиката?
– Како и секое друго семејство, се трудиме да не ја носиме работата дома и во заедничките семејни дружби, кои во денешното брзо и динамично живеење се доста поограничени, но невозможно е да ја изоставиме музиката како многу важен сегмент во нашите животи. Таа е дел од нас и е нешто што нѐ дефинира како личности и индивидуалци. Секој од нас се пронашол во различна сфера од музиката, но сепак, музиката како еден универзум нѐ сплотува сите нас заедно.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 154, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 ноември 2022)


