Разговор со д-р Благоја Ѓорѓиески, професор по јога: Јогата помага да се соочиме со проблемите и да се прилагодиме на промените 

Искуството од практикување на јога помага човекот да се соочи со реалниот проблем, да се пролагоди на наметнатите промени и да ги прифати како дел од секојдневието.

За бенефитите на јогата во секојдневниот живот на жената, како и во периодот на бременоста, разговараме со д-р Благоја Ѓорѓиески, специјалист физијатар, професор по јога, и претседател на Јога Сојуз на Македонија.  

д-р Благоја Ѓорѓиески

Како јогата помага да се најде рамнотежа помеѓу телото и духот?

– Токму заради тоа постои јогата, заради воспоставување на рамнотежа помеѓу телото, умот и духот. Човекот од почетокот на своето постоење тежнее кон една таква рамнотежа бидејќи тоа е услов за одржување на здравјето и благосостојбата во животот. Јогата е древна наука што датира од пред повеќе од 5.000 години. Во целиот период од своето постоење, човекот го користел знаењето за јогата за стекнување вештини за справување со сите предизвици присутни во неговиот живот во различни периоди од историјата. Комплексноста на јога техниките делуваат на сите аспекти на човекот, неговото тело, ум и психа. Нормалното функционирање и доброто здравје на човекот е овозможено кога постои рамнотежа помеѓу овие аспетки. Човекот доаѓа до такво искуство пред сè преку подобро запознавање на себеси, преку потенцирање на своите квалитети и вредности, ослободување од негативни навики и слично. Само на таков начин може да се дојде до позитивни трансформации, кои водат до посакуваната рамнотежа.

Придобивките од јогата се големи, но дали јогата е за секоја жена? Дали може да се почне со јога и во позрелите години, над 50-та година?

– Јога може да практикува секој што има желба, почнувајќи од децата, па сè до луѓето во поодминати години. Затоа постои голем интерес за практикување јога, бидејќи може да се прилагоди за секого, независно од полот, возраста, физичката кондиција, па и здравствената состојба, со мали исклучоци. Интересен е податокот дека претежно жени ги посетуваат часовите по јога и тие, во споредба со мажите, повеќе покажуваат доследност и интерес за културата на јогата како начин на живеење и подобрување на квалитетот на животот воопшто. Тоа кажува дека жените повеќе се интересираат за себе, за своето здравје, но и да се стекнат со соодветно знаење за да влијаат активно во одржување и подобрување на здравјето.

Комплексноста на јога техниките делуваат на сите аспекти на човекот, неговото тело, ум и психа.

Колку време треба да посетуваме часови за да ги почувствуваме првите бенефити, и кои се всушност првите бенефити?

– Нема да верувате дека уште од првите практични часови по јога се чувствува некакава промена и тоа несекојдневна смиреност, леснотија, добро расположение. Практикантите се изненадени од тоа колку може да се постигне со еден „обичен“ час по јога. Но за да се одржи континиутетот на позитивните промени, како и воспоставување на нови позитивни искуства со јогата, потребно е да се работи редовно, со посветеност и упорност. Токму заради бенефитите од практикувањето, жените претежно продолжуваат и понатаму да ги посетуваат курсевите по јога. Покажуваат интерес за јога филозофијата, за нејзината практична примена во современиот начин на живеење. Од самиот почеток се чувствува поголема опуштеност, смиреност и олеснување во телото. Со текот на времето се добива поголема еластичност, подобро држење на телото, сигурност во себеси, елан за работа и т.н.

Во последната деценија сè почесто бремените жени покажуваат интерес за јога, која е ползата на јогата во бременоста?

– Интересот за пренатална јога станува сè поголем поради стресниот начин на живеење, динамиката на секојдневието и слично. Тоа го отежнува периодот на бременоста, како за мајката, така и за нероденото бебе, а породувањето е болно и често со несакани компликации по мајката и бебето. За разлика од тоа, практикување на пренатална јога, дава многу големи придобивки за бремените и нивните неродени бебиња. Тоа се покажало кај многу мајки, кои ги посетувале специјализираните часови за бремени жени, сите овие повеќе 30 години наназад. Јога техниките им помагаат на идните мајки да го одржуваат телото витално, добро да се носат со сите промени што се манифестираат за време на бременоста, било да се телесни, ментални и психички. Тоа им овозможува со леснотија да го поминат периодот на бременоста и да бидат подготвени за самиот чин на породување. Со тоа искуство жените ќе можат повеќе да се радуваат на доаѓањето на новиот член на семејството. И не само тоа, придобивките од јогата за нероденото бебе се уште поголеми. Науката докажа дека постои блиска врска на бебето со мајката и тоа не само преку папочната врвца. Пријатното чувство од изведувањето на техниките се пренесува и на нероденото бебе, што многу помага за добар раст и развој на плодот во утробата на мајката за време на целиот период на бременоста. Тоа ги прави бременоста и периодот на породувањето еден радосен и несекојдневен чин.

Заради големите придобивки од пренатална јога, пред извесен период Јога сојузот на Македонија заедно со Министерството за здравство учествуваа во заеднички проект со кој се направи напор ваквите специјализирани курсеви да бидат подостапни за поголем број бремени жени во повеќе градови во нашата држава. Истиот проект беше презентиран на стручен состанок на Здружението на гинеколози и акушери на Р. Македонија.

Практикување на пренатална јога, дава многу големи придобивки за бремените и нивните неродени бебиња. Тоа се покажало кај многу мајки, кои ги посетувале специјализираните часови за бремени жени, сите овие повеќе 30 години наназад.

Денес постојат различни школи за јога, се добива впечаток дека јогата е модернизирана, па дури се појавува и во комбинација со кардиоактивности. Вие сепак сте за традиционалната јога, зошто?

– Точно е тоа дека постојат многу јога центри кои не би ги нарекол школи за јога заради бројните модификации што ги манифестираат во предавањето на јогата. Не би рекол дека тоа е модернизација, уште помалку е добра комбинацијата со други активности несвојствени за класичната јога. Јогата како практична наука е толку богата и сеопфатна и нема воопшто потреба од некаква модернизација или модификација од различен карактер. Ваквите негативни пристапи во пренесување на знаењето за јогата доведува до недоволно и погрешно разбирање на јогата како практичен систем и скратување на можноста на поединецот за стекнување со вистинските вредности на јогата.

Не е лесно да се предава јога, уште помалку е лесно да се стане искусен јога наставник. Тоа е една од причините што јога центрите при Јога Сојузот останаа доследни на традиционалната јога. Само на таков начин јогата ќе може да се пренесе на секој поединец и со тоа да се создаде вистинска култура за јога како начин на живеење. Од таа причина, од самиот почеток на постоењето на оваа традиционална школа (наскоро ќе се прославува јубилеј од 50 години активност 1972-2022, н.з), се оформи Школа за обука и усовршување на наставен кадар по јога, каде што знаењето за јогата се пренесува на традиционален начин, кој овозможува стекнување со потребното знаење за да стане добар наставник по јога.

Не е лесно да се предава јога, уште помалку е лесно да се стане искусен јога наставник. Тоа е една од причините што јога центрите при Јога Сојузот останаа доследни на традиционалната јога.

Коронакризата ни донесе повеќе фрустарации и стравови, како со јогата може да ги надминеме? Како да се биде среќен во денешно време?

– Не е лесно да се надминуваат потешкотиите што се присутни во актуелната епидемија со вирусот ковид-19. Стравот, неизвесноста, фрустрациите и другите негативни појави се дел од нашето секојдневие. Тоа доведе до драстични промени во начинот на живеење, кои многу луѓе не беа подготвени да ги прифатат. Практикантите на јога во центрите во повеќе градови покажаа поголема смиреност и самоконтрола што во голема мера помага во држењето до сите протоколи, кои се наметнати поради контрола на самата епидемија. Искуството од практикување на јога помага човекот да се соочи со реалниот проблем, да се прилагоди на наметнатите промени и да ги прифати како дел од секојдневието. Далеку од тоа дека јогата ќе го направи човекот рамнодушен или среќен, но со своето искуство во работењето со себеси ќе умее да се посвети на себе и на своите најблиски, со цел да не се стекнат штетни последици од споменатата ситуација од каков било карактер. Затоа, голем дел од практикантите продолжија со редовната посета на часовите по јога во нивните центри (часови во природа, онлајн часови).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот