Разговор со Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Детето кое расте со миленик е поздраво и помалку склоно кон болести

Маjките кои во својата бременост контактирале редовно со миленици, можат да бидат во голем процент сигурни дека нивното дете нема да развие алергии понатаму во животот.

Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина, во изминатите 20 години покрај ветерината интензивно се занимава со проучување и работа на однесувањето на кучињата, како и корекција на непосакуваното однесување, односно воспитување на кучињата.

– Ова сакам да го одделам од дресурата бидејќи не се работи само за механичко учење на команди, туку овозможување на една хармонична врска и комуникација со сопственикот, ни објаснува нашата соговорничка.

Анета е популарна и на социјалните мрежи со нејзините едукативни видеа во кои зборува на различни теми и проблеми со кои секојдневно се сретнуваат сопствениците на кучиња.

Во што е предноста на растењето на детето со домашен миленик? Има ли недостатоци во оваа врска дете – миленик?

– Како мајка на две деца, како доктор по ветеринарна медицина и како професионалец кој веќе дваесетина години се занимава со проучување на однесувањето на кучињата, како и корегирање на непосакуваното однесување, одговорно тврдам дека доколку се внимава на здравствената состојба на кучето – редовни контроли и заштита од болести и паразити, и доколку тоа куче е правилно одгледано и воспитано, не постои недостаток односно негативни последици од врската дете – миленик. Од друга страна, бенефитите се многубројни. Прво, здравствениот ефект е неверојатен. Мајките кои во својата бременост контактирале редовно со миленици, можат да бидат во голем процент сигурни дека нивното дете нема да развие алергии понатаму во животот. Исто така, чувањето на децата во „стаклено ѕвоно“ доведува со ослабнување и неактивност на нивниот имунитет. Детето растено со миленик, докажано е поздраво и помалку склоно кон болести. Да спомнеме дека психолошкиот ефект е несомнено еден од најценетите, особено кога се работи за дечиња со посебни потреби. Тука е и развивањето на чувство на одговорност, грижа и љубов, што секој човек треба да го негува, а детската возраст е онаа во која тие чувства се развиваат.

Неретко се случува родителите да вдомат куче како подарок за нивното дете. На која возраст децата се подготвени самостојно да се грижат за домашниот миленик?

– Детенце кое самостојно ги извршува своите основни обврски во домот, како што е грижата за себе и основната хигиена, кое може самостојно да излезе и да прошета или да поигра надвор од домот, веќе е подготвено за улогата сопственик на едно кученце и да носи поголем дел од обврските во грижата за кучето. А тука не би споменала возраст. Секој родител знае колку и кога, во однос на горенаведеното, неговото дете е подготвено за ваква улога и обврска.

Како луѓето, и кучињата имаат свои карактери и темпераменти. Може ли да не посочите каков тип куче да одбере една личност која според темпераментот е сангвиник, колерик, флегматик, меланхолик?

– Првите два типа луѓе во принцип треба да одберат раса која ќе излезе во пресрет на нивниот темперамент, ведрина, игривост и комуникација. Во зависност од условите на живеење, имаат широк избор на раси што ќе го прифатат тоа темпо. На пример, Златен ретривер, Лабрадор ретривер, можеби Германски овчар, Кокер шпаниел, Западношкотски бел териер, Џек расел, Шнауцер итн. Вторите два типа луѓе би биле позадоволни со посмирени кучиња. Големите тешки раси, како Бернардинец, Бернски овчар, да кажеме, знаат да бидат посталожени и пофлегматични, особено кога ќе достигнат целосна зрелост. Кога се млади сите кучиња се поигриви. Од малите и средни раси – Англискиот булдог и Мопсот, знаат да бидат одличен миленик за луѓето што не сакаат многу долги прошетки. Јас сум презадоволна од моите две Кавалер Кинг Чарлс Шпаниелки, кои се навистина мирни и задоволни и само со лесна прошетка секој ден, а можат да одговорат и на игрите и подолгите прошетки со моите деца.

Има личности кои, и покрај желбата да вдомат куче, немаат толеранција за влакната од кучето кои секако ќе се најдат и на мебелот, ќилимите… Како да се справиме со овој проблем? Од друга страна пак, кои типови на кучиња не оставаат влакна низ домот?

– Влакната од милениците се голем проблем речиси за сите сопственици, особено во периодот на митарење, односно периодот на промена на влакната, напролет и наесен. Е сега, уште еден податок што не оди во прилог е дека во последниве години, на сите ни се чини дека кучињата постојано се митарат. И за тоа има причина. Кучињата чувани дома, во стан или во куќа, живеат на постојано иста надворешна температура и немаат вистински сезони на митарење. Тоа станува речиси целогодишен проблем. За оние кои развиле алергија или едноставно не сакаат да го имаат овој проблем, постојат неколку раси кои не се митарат толку интензивно како другите, или воопшто не пуштаат влакна, па се почест избор кај денешните семејства. Такви се Бишон, Ласа апсо, Лагото, Француска пудла, голокожи кучиња итн. Редовното четкање и чистење дома се најдобриот начин за справување со влакната во домот.

Колку често треба да го капеме домашниот миленик и, ако веќе не употребуваме шампон дизајниран наменски за кучиња, какво средство може да се употреби?

– За капење на кучето препорачувам строго употреба на шампони за кучиња. Различната пх вредност на кожата не дозволува да се користат шампони за луѓе кај кучињата. Доведуваат до иритација на кожата во најлесен случај. Зависно од расата, возраста, влакното, намената, условите на живот, периодот од годината…, многу работи влијаат на фреквенцијата на капење на кучето. Најдобро тоа ќе го каже вашиот грумер, односно личноста на која ќе го доверите стајлингот на вашето куче. Постојат раси со кратко и долго крзно, како основна поделба. Зависно од возраста и периодот на раст на влакното кај некои раси, особено изложбени примероци, има посебни протоколи за одржување. Крзното на кучето може да биде кратко и остро, тенко и еднослојно, може да има покривно влакно и подвлакно, може да биде долго и свиленкасто, може да биде долго и извиткано…. сè се тоа разни барања во однос на капењето. Намена – изложбен примерок кој бара  повеќе одржување на влакно, услови на живот – внатре или надвор, итн. Во најголем број случаи еден домашен миленик оптимално се капе еднаш месечно, а во меѓувреме редовно треба да се четка и да се чисти по потреба.

Во најголем број случаи еден домашен миленик оптимално треба да се капе еднаш месечно, а во меѓувреме редовно треба да се четка и да се чисти по потреба.

Во актуелниот период на коронавирусот, дали после секое шетање е неопходно на кучето да му се мијат нозете, и со какво средство? Има ли евентуална опасност од пренос на вирусот по овој пат?    

– Овој период сопствениците на кучиња навистина веќе не се сигурни како да постапуваат по ова прашање. Многу од нив и онака редовно после секое шетање ги мијат нозете на миленикот, на што ние ветеринарите обично реагираме со совети да се намали толкавото количество на влага на која се изложуваат овие делови од телото, кои најчесто стануваат иритирани. Редовната хигиена е важна, но не треба да се претерува. Се користат и дезинфекциски средства, ќе напоменам, само по препорака на ветеринар и секогаш внимателно. А евентуално пренесување на вирусот на овој начин, колку што имам информација, досега не е официјално пријавено, но не може да се исклучи можноста, како што можеме и ние сами да го внесеме преку нашите обувки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот