Разговор со Ана Јовановска која ги плете детските желби и фантазии: Сè започнало кога нејзиниот син побарал играчка!

Ана Јовановска
Ана Јовановска / Фото: Приватна архива

Скопјанка Ана Јовановска со моминско презиме Стојановиќ е успешна жена која со својата уникатна идеја ја започна приказната „Радост“ затоа што нејзините изработки ги создава за да предизвика радост, најмногу кај децата. Таа од само два елементи конец и полнење- изработува плетени кукли кои се 100% безбедни за децата од најмала возраст, пренесува порталот „Еспресо.мк“.

Ана е со диплома од ликовна уметност по професија графичар, а по вокација мајка на три синчиња. Идејата да започне со плетење на кукли ја добила од желбата на своето средно синче, пред повеќе од 4 години.

– Секогаш приказната ја раскажувам со иста страст, насмевка и ентузијазам. Мојот среден син имаше неполни 3 години, беше пролет, а јас дома си плетев ташни лично за себе. Тој дојде до мене, се потпре на колената и ми рече: Мамо плети мене вафа ( жирафа ). Пробав да го убедам дека јас не знам да сплетам жирафа, но тој беше упорен во својата намисла. Се убедувавме 10-тина дена. Решив да пробам. Дома имавме едно плишано магаренце и си реков дека можам да пробам по него да го издолжам вратот и да сплетам жирафа. После неколку дена плетење пристигна првата играчка жирафа. Михаил беше пресреќен. Ја гушкаше со денови, а погледот му сјаеше од среќа. – раскажува Ана.

ана јовановска
Фото: Приватна архива

Научила да плете на 20 години од една многу стрплива баба која пак ја научила да плете без шема што денес и тоа како и помага во работата. Прво почнала со плетење елечиња, ташни,шалови, чорапчиња а денес за едно кукличе и требаaт од 2 до 7 дена.

– Од најрана возраст ме интересираше плетењето и хеклањето. Имав добар, но пред се трпелив учител за да ми обрне доволно внимание, да ми го покаже секој котелец, иако со многу неуспешни обиди на почетокот. Но со многу упорност, после неколку дена научива да плетам и приказната трае еве до ден денес. – вели Ана.

ана јовановска
Ана Јовановска / Фото: Приватна архива

Нејзината работа се заснова само на конец и игла. Полнењето им е анти-бактериско а конците памучни. Сите делови на кукличките се изработени од конец. Не употребува пластични или метални додатоци.

– Брзината и начинот на плетење зависи од вештината која ја поседуваш. Јас поради годините на плетење, сум брза во тоа и имам добра рутина. Котелец по котелец до плетење на уште една играчка, уште една радосна приказна. Најголемата играчка која сум ја направила е еден метар, а најмалата некои десеттина центиметри. Се зависи од побараната форма. Кога ќе размислам, ако претходно сум ја работела формата, процесот на изработка е побрз затоа што веќе имам претстава како треба да ја носам играчката низ иглите. Каде да одземам каде да наддавам котелци. Ако е повеќе комплицирана форма прво неколку дена размислувам поединечно за сите делови (раце, нозе, уши, глава, гардероба итн.). – објаснува Ана.

ана јовановска
Фото: Приватна архива

За плетените кукли на Ана можете да дознаете од фан страната на Радост рачни изработки (RADOST racni izrabotki). укличките на Ана одамна почнаа да излегуваат веќе и надвор од нашите простори. Најчесто како подароци, но најважно е да се шири РАДОСТ. Ана верува дека нејзината приказна ќе остане една од најубавите за раскажување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот