Разговор Самир Ајдини, директор на НП „Маврово“: Ние го браниме државното земјиште, за градбите на приватните имоти во Маврово одлучува општината

Самир Ајдини / Фото: Слободен печат

За случајот со дивоградба во Трница, за која реагираа и од Општината, добивме насоки од надлежни институции и според нив постапивме, таа дивоградба е запрена и земјиштето вратено во првобитна состојба, вели Ајдини.

Дивоградбите, бетонските зданија и повеќекатниците, канализација што завршува во езерото, загадената вода за пиење, полека стануваат заштитен знак на некогаш идиличниот предел околу Мавровското Езеро, во срцето на Националниот парк „Маврово“. Ние го штитиме државното земјиште кое е во рамките на националниот парк и даваме мислења, урбанизмот и дозволите се во надлежност на локалната самоуправа, појаснува директорот на ЈУНП „Маврово“, Самир Ајдини со кого „Слободен печат“ разговараше за уништувањето на Маврово.

Сѐ поголем е бројот на дивоградби кои се градат среде националниот парк, а потоа се легализираат од страна на Општината, што директно се коси со Законот за природа, кој утврдува што не смее да се прави во национални паркови.

– Јас сум исклучително и ригидно против бесправно изградени објекти. Има случаи кога на сопственици на приватно земјиште во рамките на националниот парк „Маврово“ кои по основ на дооформување на земјишна парцела им се продава земјиште кое е државно, но ние таквите случаи редовно ги обжалуваме и скоро секогаш ги добиваме во наша корист.

Дали така постапивте и во случајот со земјиштето на кое се градат 87-те вили на хотел „Радика“ каде е продавано државно земјиште, па дури и селски пат до гробиштата?

– Тоа било средено пред јас да дојдам на оваа функција.

Но, ДУП-от за таа локација бил изготвен во 2018 година, кога веќе бевте на функција.

– ЈУНП „Маврово“ само дава мислења, надлежностите во областа на урбанизмот се во рацете на Општината. До мене никакво барање кое се однесува на таа локација не е дојдено.

Насекаде покрај Мавровското Езеро забрзано се копа и гради, дури и на невозможни локации. Колку барања за легализација на нелегално изградени објекти дошле до вас како управа на националниот парк за да дадете мислење?

– Ниту едно. Генерално, ние ако констатираме вакви нелегални градби тоа го пријавуваме во Инспекторатот за животна средина.

За колку такви случаи сте реагирале?

– За случај на дивоградба во Трница, за која реагираа и од Општината, добивме насоки од надлежни институции и според нив постапивме, таа дивоградба е запрена и земјиштето вратено во првобитна состојба. Ние реагираме само ако се гради на државно земјиште, ако некој навлегува во шума и слично.

Само за случајот во Трница сте реагирале?

– Откако сум јас директор само за тој случај постапувавме.

Каков е Вашиот став за давањето под концесија на изворот од кој се врши водоснабдување на село Леуново на сопственикот на хотел „Радика“?

– Пред мене ја имам одлуката на Советот на Општина Маврово-Ростуше за прифаќање на одлуката, Управниот одбор на ЈКП „Маврово“ повеќе да не стопанисува со водоводот од кој се снабдува хотел „Радика“, од октомври 2019 година. Образложението за ваквата одлука на мавровското комунално претпријатие е дека овој дел од водоводот, бидејќи бил скап за одржување, им правел дополнителни трошоци.

Помина повеќе од една година откако државниот Инспекторат за животна средина им даде рок од три месеци на хотелите да направат елаборати за влијание врз животна средина и да изградат пречистителни станици, но сите угостителски објекти (освен еден-два) и натаму загадената вода ја испуштаат во Мавровското Езеро.

– Мислам дека ги изработуваат елаборатите, а ние повторно ќе излеземе на терен да констатираме фактичка состојба, но за тоа кога ќе си ги завршат обврските, контактирајте ги нив.

Каде е проблемот со недонесувањето на законот за репрогласување на НП „Маврово“ и дали е вистина дека тој е закочен бидејќи НП „Маврово“ со години не го поднесува нацртот на зонирањето на националниот парк?

– Не е точно дека процесот е закочен поради нас, токму спротивното, ние во повеќе наврати сме поднеле наше предлог зонирање, но од Министерството за животна средина постојано добиваме одговор дека нашиот предлог не се совпаѓа со фактичката состојба. Тука проблемот се, да бидам искрен, малите хидроцентрали, одобрени од претходната власт. Ние не сакаме да се градат малите ХЕЦ како онаа на Рибничка река или двете во Жировница, додека Министерството инсистира тие да останат, бидејќи за нив се издадени дозволи. Ова нас особено не засега и за тоа повеќепати сме имале средби со Владата.

Сакате да кажете дека НП „Маврово“ инсистира овие три мали хидроцентрали да се избришат?

– Ние така предлагаме и се надевам дека работата ќе се заврши во интерес на заштита на природата.

Видео на денот