Раскошно славење на приказната претставува збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 29 октомври беше промовирана збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување според Друштвото на писателите на Македонија во 2024 година. Модератор на настанот и промотор на книгата беше Александра Јуруковска, а фрагменти од делото читаше актерот Андреј Серафимовски.
Препорачано
– Расказите на Жарко Кујунџиски се раскошно славење на приказната. Без разлика дали станува збор за приказни раскажани во прво лице или низ перспективата на сезнаечки наратор, овие текстови ги користат многубројните можности на расказот како форма, богато поигрувајќи си со неговите потенцијали – подвлекува Владимир Јанковски за збирката раскази „Приказничар“, која е во издание на „Антолог“.
Жарко Кујунџиски (1980) е писател и издавач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на ИФФК „Браќа Манаки“.
Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 13 книги. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „Најдобра европска фикција“ (2013). „Спектатор“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е објавен на полски и на српски јазик. Романот „Америка“ е објавен на италијански јазик.
Романот „Сфинга на гневот“ бил македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2021 година. Кујунџиски е добитник на неколку книжевни награди, како и на една награда за глума. Член е на ДПМ и на македонскиот ПЕН-центар.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)


