Рама смета дека Израел е мирољубива земја, Вучиќ вели дека почнува нова ера: што мислат балканските лидери за војната во Иран?
По нападите на САД и Израел врз Иран, следуваа првите реакции од балканските лидери, кои во најголем дел повикаа на деескалација, почитување на меѓународното право и избегнување поширок регионален конфликт, со тоа што некои повеќе се наклонети кон Израел и кон САД одошто кон Иран, а други, пак, се понеутрални.
Препорачано
Вучиќ: Ова не е Третата светска војна, но почнува нова ера
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нова ескалација на Блискиот Исток може да има сериозни последици врз глобалната безбедност и економија.
Тој рече дека не смета оти со конфликтот на Блискиот Исток започнала Трета светска војна, но дека сме сведоци на нова ера во која, според него, меѓународното право сѐ помалку ќе значи. Тој нагласи дека за Србија е клучно да го зачува мирот.
Вучиќ смета дека Иран нема сериозни шанси на среден и долг рок да ја одбрани својата територија и дека конфликтот нема брзо да заврши. Според него, во регионот на Ормускиот и Персискиот Залив е концентрирана значителна воена сила, а крајната цел на САД е политичка промена во Техеран. Тој оцени дека светот влегува во нова фаза во која меѓународното право губи тежина, а последиците од кризата ќе бидат глобални – од Блискиот Исток до позициите на Кина и Русија. Воедно предупреди дека енергетскиот пазар ќе биде погоден, со раст на цената на нафтата поради ризиците во Ормускиот Теснец.
Истовремено, Вучиќ порача дека Србија мора да го зачува мирот и независноста, но и да ги засили одбранбените капацитети, најавувајќи набавка на современи системи за противвоздушна одбрана. Тој оцени дека суштината на конфликтот е обид за смена на власта во Иран, правејќи паралела со настаните од крајот на 1990-те во Србија.
Српскиот претседател ги критикуваше европските позиции, доведувајќи го во прашање правото на одделни лидери да одлучуваат кој смее да поседува нуклеарно оружје, иако посочи дека „ги разбира безбедносните стравувања на Израел“.
Еди Рама: „Треба да се спречат убијците во Техеран“
Албанскиот премиер Еди Рама напиша на „Икс“ дека Албанија стои „цврсто со Израел и со мирољубивите братски арапски земји“ и дека ја поддржува воениот придонес на САД.
„Ние целосно го поддржуваме секој одлучен напор еднаш засекогаш да се спречат убијците во Техеран да стекнат нуклеарен или каков било друг воен капацитет со кој би можеле да му наштетат на Израел или на која било друга мирољубива нација на Блискиот Исток. Тероризмот мора да се именува. А кога еднаш ќе се именува, мора и да се запре,“ рече Рама.
Исламската револуционерна гарда треба официјално да се третира како терористичка организација – не само преку санкции кон иранскиот режим, туку и со формално ставање на листата на терористички групи, како што веќе направија САД и Канада.
Овој став не произлегува само од поддршката кон Израел, мирољубивите арапски држави или од усогласеноста со американската политика, ниту пак само од оценките на Европската унија за карактерот на режимот во Техеран. Според Рама, станува збор пред сè за морална обврска – во чест на бројните невини жртви поврзани со дејствувањето на Револуционерната гарда.
Путин: Атентатот врз Хамнеи е циничен, тој беше истакнат политичар
Тој потсетува дека Албанија директно се соочила со, како што вели, агресивните постапки на иранскиот режим преку сајбер-напади, па затоа ова прашање за Тирана не е апстрактна геополитика, туку прашање на национална безбедност и принципиелна позиција.
Албанија ќе постапи во согласност со тоа и ќе ја означи Револуционерната гарда како терористичка организација, а истовремено ги повикува и европските партнери да го направат истото.
Рама нагласува дека целосно ги поддржува сите решителни чекори што имаат за цел да го спречат Техеран да дојде до нуклеарни или други воени капацитети со кои би можел да загрози Израел или други земји во регионот.
Пораката е јасна: тероризмот мора јавно да се именува – и потоа мора да биде запрен.
It’s high time to cut the rope and go straight to the point.
The Islamic Revolutionary Guard Corps is a terrorist organization and it must be treated as such. Not only through sanctions against the Khomeinist Republic, but by officially calling it by its true name and listing it…
— Edi Rama (@ediramaal) February 28, 2026
Румен Радев: Опасен тренд е сѐ поголемото потпирање на сила место на дипломатија
Бугарските власти изразија сериозна загриженост поради ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток и се приклучија кон повиците за запирање на насилството, враќање на преговорите и итна седница на Советот за безбедност на ОН.
Претседателката Илијана Јотова, како врховен командант, е во постојана координација со институциите и службите, при што се преземаат мерки во согласност со законот. Поранешниот претседател Румен Радев предупреди дека сè поголемото потпирање на сила наместо на дипломатија е опасен тренд и дека долготраен конфликт би имал сериозни последици за глобалната безбедност, особено за Европа.
Во меѓувреме, бугарската влада одржа вонредна седница на Советот за безбедност, ставајќи ја заштитата на своите граѓани како приоритет и координирајќи се со ЕУ околу дипломатско решение, објави „Новините“.
Владините претставници оценија дека Иран претставува безбедносен предизвик поради своите воени програми и активности, но истовремено нагласија дека мора да се почитува хуманитарното право и да се заштитат цивилите. Министерот за одбрана истакна дека Бугарија не е директна цел и не се соочува со непосредна воена закана, оценувајќи дека националната безбедност останува стабилна.
Над 100 демонстранти маршираат во Грција
Повеќе од илјада демонстранти маршираа во неделата до амбасадите на САД и Израел во Атина во знак на протест против нападите врз Иран, објави „Џерусалим пост“.
Демонстрантите, главно поврзани со Комунистичката партија на Грција, носеа транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата во Суда“.
Грција во саботата ги засили безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, стратешки важен објект за Соединетите Држави во источниот Медитеран.
Амбасадите на САД и Израел беа обезбедени со редици сини полициски автобуси, а според полициски извори, на протестот учествувале повеќе од 1.300 луѓе.
Грчката влада ги набљудува настаните, но сѐ уште не изразила категоричен став за ситуацијата.
Хрватска: Почитување на меѓународното право
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, предупреди дека проширувањето на конфликтот може директно да влијае врз европската безбедност и енергетската стабилност. Загреб повика на воздржаност и почитување на меѓународните норми.
Курти е со Америка
Откако тоа го направи претседателката на Косово, Вјоса Османи, американскиот напад врз Иран го поддржа и косовскиот премиер Албин Курти, објави „Косев“.
„Курти ја повтори јасната позиција на институциите на Република Косово дека цврсто стојат покрај нашите пријатели и стратешки сојузници, особено САД, во напорите за зачувување на меѓународниот мир, безбедност и стабилност,“ изјавија од неговиот Кабинет.
Синоќа, на барање на Курти, била одржана седница на Советот за безбедност на која се разговарало за најновите настани поврзани со безбедносната состојба на Блискиот Исток, односно за развојот на воената операција „Епски гнев“ на САД и партнерските сили против Исламската Република Иран.
Се наведува дека Косово, во согласност со својата евроатлантска ориентација и блиското партнерство со САД, ги поддржува мерките што САД ги преземаат против целите на ајатолахскиот режим во Иран, оценувајќи ги како чекори насочени кон спречување понатамошна ескалација и ограничување на дестабилизирачките капацитети во регионот.
Истовремено, Косово изразува солидарност со народот на Иран и неговиот, како што се наведува, легитимен стремеж за слобода, достоинство и основни права.
ВИДЕО | Демонстранти гневни поради смртта на Хамнеи ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад
На 28 февруари 2026 година, САД и Израел извршија широко координиран воен удар врз Иран, познат како операцијата „Епски бес“ (САД) и „Лавовски крик“ (Израел), со цел да се нападнат стратешки воени и нуклеарни објекти и да се отсранат највисоките лидери на иранскиот режим.
Во нападите беа убиени врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, како и повеќе други високи ирански функционери, вклучително и поранешниот претседател, команданти на Револуционерната гарда и други, при што беа погодени нивни објекти во Техеран.
Овој изненаден удар, кој беше планиран и изведен со заедничка разузнавачка и воена поддршка од двете земји, предизвика широка ескалација на насилство во регионот, со ирански ракетни и беспилотни одмазднички удари врз цели во Израел и бази на САД на Блискиот Исток.


