Ракот на грло на матка е втор водечки малигнитет кај жените

Доколку се открие во рана фаза, големи се шансите пациентката да го преживее, затоа е исклучително важно да се откријат симптомите на карцином на грлото на матката што е можно порано.

Ракот на грлото на матката е втор најчест карцином кој ги погодува жените, (прв е ракот на дојка), a трет најчест на нашите простори (по ракот на дојка и белите дробови). Според статистичките податоци на Светската здравствена организација (СЗО), тој е втор најчест тумор во светот, а по смртност – петти. Во просек, се дијагностицира кај 16 од 100.000 жени секоја година, а умираат 9 од 100.000 жени годишно.

Околу 80 отсто од карциномите на грлото на матката се јавуваат кај жени во земјите во развој. Ракот на грлото на матката е целосно излечив тумор доколку се открие навреме. Редовните прегледи можат да го спречат. Доколку се открие во рана фаза, големи се шансите пациентката да го преживее, затоа е исклучително важно да се откријат симптомите на карцином на грлото на матката што е можно порано.

Ризични фактори

Најголем ризичен фактор е инфекцијата со ХПВ (хуман папилома вирус), а потоа пушењето, ХИВ, други сексуално преносливи болести (кламидија, на пример) и имунодефициентни состојби на организмот (интензивна терапија со кортикостероиди), рано стапување во сексуални односи, промискуитет или брак со промискуитетен партнер, односи без заштита.

– хемиска карциногенеза (пушење, имуносупресивни лекови, хемотерапевтици, алкохол)

– имуносупресија („слаб“ имунолошки систем на организмот е основа за развој на рак)

– начин на живот (низок социо-економски статус, нередовна, слаба исхрана, стресни настани, негативно влијание, го зголемуваат ризикот за настанување карцином)

ХПВ е причина за околу 70 отсто од ракот на грлото на матка во светот. Познати се околу 150-200 видови на ХПВ, од кои 15 се во високоризичната група (тип 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58, 59, 68, 73 и 82), 3 се со можен висок ризик (тип 26, 53 и 66), а 12 се со низок ризик (тип 6, 1, 40, 42, 43, 44, 54, 61, 70, 72, 81 и CP6108). Главните ризични фактори за рак на грлото на матката се типови 16, 18 и 31.

Гениталните брадавици, кои исто така ги предизвикува ХПВ, се форма на бениген тумор на епителните клетки, но овие соеви на ХПВ обично не предизвикуваат рак. Секако, можна е истовремена инфекција со неколку ХПВ серотипови (хуман папилома вирус). ХПВ инфекцијата е сексуално пренослива, а употребата на кондом ја намалува, но не може секогаш да ја спречи инфекцијата. Гениталните брадавици се појавуваат најчесто кај младите и адолесцентите.
Кофактори: инфекција со кламидија, херпес симплекс вирус (ХСВ), стрес и стресни нарушувања, исхраната, хормонална контрацепција, повеќекратни бремености, семејна историја на рак на грлото на матката.

Симптоми на рак на грлото на матката

Ракот на грлото на матката е обично асимптоматски во раните стадиуми. Од појавата на почетните лезии па до манифестацијата на симптомите може да поминат дури и 20 години. Вагинално крвавење, крвавење по сексуален однос (контактно крвавење) и болка за време на сексуален однос може да укажуваат на присуство на тумор. Во напредните стадиуми може да се појави запек, често или отежнато уринирање, губење на апетитот, губење на тежината, малаксаност, болка во карлицата, грбот, нозете, оток на едната или двете нозе, обилно вагинално крвавење, фрактури на коските и други симптоми. Се јавуваат и метастази во стомакот, белите дробови и на други места.
„Jo’s Cervical Cancer Trust“, британско здружение кое работи на спречување на рак на грлото на матката, објави список на рани симптоми кои укажуваат на оваа малигна болест.

1. Крвавење

Најчестиот и најраниот симптом на ракот на грлото на матката е невообичаено крвавење (за време или по сексуален однос, помеѓу менструации или откако веќе сте влегле во менопауза). Тоа се случува кога клетките на ракот почнуваат да растат на ткивото на грлото на матката. Особено е опасно ако се појави откако жената влегла во менопауза. Нема старосни граници за заболување од овој вид рак.

2. Невообичаен исцедок од вагината

Секоја жена има различен исцедок, па затоа е важно да забележите ако почне да се разликува во бојата, мирисот или густината. Ако се промени, итно контактирајте го вашиот гинеколог. Кога клетките на ракот ќе останат без кислород, тоа може да предизвика инфекција што предизвикува необичен мирис на вагиналниот исцедок.

3. Непријатност или болка во текот на сексуалниот однос

Болката за време на сексот може да укаже на разни проблеми, а еден од нив е карцином на грлото на матката. Бидејќи оваа болест често доаѓа без симптоми, болката за време на сексуалниот однос може да биде клучен знак за нејзино откривање. Ова може да значи дека ракот започнал да се шири по околното ткиво.

4. Болка во долниот дел на грбот

Ако ве боли грбот, не мора да значи дека сте заболеле од рак, но ова може да биде еден од знаците дека нешто не е во ред со вашите репродуктивни органи. Ако често страдате од болка во долниот дел на грбот или во карлицата, посетете гинеколог.

5. Непланирано слабеење

Слабеењето без труд може да звучи како добра работа, но не е. Ако сте го изгубиле апетитот и сте почнале да слабеете, тоа е знак дека вашето тело не функционира како што треба. Ако забележите дека јадете помалку од вообичаеното и брзо ги губите килограмите, одете на лекар што е можно побрзо.

Ако болеста напредува, можеби ќе забележите симптоми како што се: почеста потреба за уринирање, крв во урината, крвавење од анусот, дијареја, блокада или отекувања на нозете.
Ако забележите некој од овие симптоми, не чекајте, посетете лекар што е можно побрзо, дури и ако неодамна сте направиле ПАП-тест. Исто така, важно е да се нагласи дека овој вид рак често доаѓа без никакви симптоми, затоа е исклучително важно редовно да одите на прегледи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот