Фото: РФМ

Ракометарките во Куманово ѝ се реваншираа на Белгија и се вратија во игра за пласман на ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во квалификациите за Европско првенство во ракомет, откако вечерва во Куманово славеше против Белгија со 33:28.

Само неколку дена по изненадувачкиот пораз од истиот противник, македонските ракометарки возвратија со многу подобра игра и ја задржаа надежта за пласман на континенталниот шампионат. Со овој триумф селекцијата останува во трката барем за место меѓу четирите најдобри третопласирани репрезентации, иако за посигурни шанси ќе биде потребен уште еден добар резултат во дуелите со Германија или Словенија.

Гостинките подобро го започнаа натпреварот и во воведните минути имаа водство од 2:0 и 3:1, а потоа одржуваа минимална предност. Сепак, македонската репрезентација постепено ја презеде контролата и во осмата минута за првпат поведе со 6:5, по погодокот на Кипријановска. До средината на првото полувреме предноста порасна на четири гола (11:7), а на паузата Македонија замина со водство од 17:14.

Во второто полувреме Белгија се обиде да се врати во игра и на стартот намали на два гола негатива, но македонските ракометарки брзо реагираа и повторно ја зголемија разликата. Во финишот стигнаа и до највисоки седум гола предност (31:24), пред гостинките да го ублажат поразот во последните минути.

Најефикасна во македонскиот состав беше Марија Јанкуловска со осум погодоци, додека по шест гола постигнаа Младеновска, Кипријановска и Стефаноска. Значаен придонес имаше и голманката Андреа Илиќ, која забележа 13 успешни интервенции.

Македонија одлучувачките натпревари од квалификациите ќе ги одигра следниот месец, најпрво на домашен терен против Германија, а потоа ќе гостуваме кај селекцијата на Словенија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот