Рациново признание 2020: Рацин е универзален и национален културен паметник

Писателот Томислав Османли за романот „Парадоксикон“ го доби Рациновото признание за 2020 година. Наградата му беше врачена на сцената на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, а во таа прилика Османли одржа беседа, во која, меѓу другото, ги истакна делото и личноста на Коста Солев – Рацин, во чија чест се доделува признанието.

– Делото и личноста на Рацин се утока од најмалку три суштествени, бистри водотеци: неговото врвно поетско и, воопшто, единственото книжевно дело; неговиот хуманистички и социјален ангажман, неговиот слободољубив алтруизам, којшто го исполнувал и го поттикнувал на културна и на хуманистичка политичка дејствителност; и неговиот разгргорен, богат македонски јазик, високолитерарен уште пред дефинитивното устројување на нашите стандардни лингвистички канони – и во тој идентитетски делокруг – Рациновата јасна и ангажирана македонска национална припадност и, воедно, неговата најширока космополитска културна определеност. И сето тоа, во времиња кога тие легитимации биле прогонувани, забранувани и жестоко санкционирани.

Затоа литературата на Коста Солев – Рацин е творештво на еден чувствен и сочувствен, на еден човекољубив, лиричен, а едновремено и развиорен, модернистички темпераментен, револуционерен и слободољубив, едновремено, и длабоко национален ангажман. Рацин е универзален и национален културен паметник и знак, споменик на отпорот кон негациите и кон релативизациите на сите тие вредности, особено на македонскиот јазик и национален идентитет – потенцира Османли.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 51, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот