Работнички тргна со подготовките, Стојковски и Зука најнови засилувања
Тимот на Работнички под раководство на шефот на стручниот штаб Ратко Достаниќ и официјално ги почна подготовките за новата сезона. Почитувајќи ги протоколите за заштита од коронавирусот, фудбалерите почнаа со активности подготвувајќи за искушенијата што следат во наредниот шампионат на Македонија.
Препорачано

Првата фаза од подготовките ќе се одвива во клупската база, а потоа е планирано заминување на охридското крајбрежје, каде ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари. Во наредните денови ќе биде објавен и деталниот распоред на пријателски мечеви што ќе ги одигра составот на Работнички.

По ангажманот на поранешниот македонски репрезентативец Муарем Муарем, ФК Работнички за новата натпреварувачка сезона се засилува и со крилниот офанзивец Кристијан Стојковски како и левокрилниот дефанзивец Фисник Зука.
28-годишниот Стојковски, кој доаѓа од редовите на Академија Пандев, потпиша двегодишен договор со „романтичарите“, додека 24-годишниот Зука, чиј последен клуб е Ренова, потпиша едногодишен договор.
Стојковски, покрај за Академија Пандев, во својата кариера има настапувано и за Шкупи, Македонија ЃП и Тетекс.
Зука, пак, пред Ренова настапуваше и за Шкупи како и за албанскиот прволигаш Фљамуртари.


