Работната група за уставните измени засега екипирана без експерти

Фото: МИА

Министерството за правда иако најави денеска не ги објави сите членови на работната група која ќе работи на подготовка на уставните амандмани. Објавени се само претставниците од партиите и од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и од Кабинетот на претседателот на државата, додека експертите кои ќе бидат дел од работната група ќе бидат познати до крајот на неделава.

Од објавените партиски претставници во работната група за Уставот евидентно е дека ниту една опозициска партија не делегирала свој претставник. Министерството за правда информира дека до истекот на рокот – синоќа на полноќ, пристигнале предлози од партиите од власта.

Од СДСМ номинирана е Цветанка Иванова, Арбр Адеми-ДУИ, Ремзи Мехмеди-Алијанса на Албанците, Соња Мираковска-НСДП, Нано Ружин-ЛДП, Христа Најданов-ДОМ, Темелко Ристески-Партија на пензионери, Раметула Куќи-ДПА, Еран Куртиш-Партија за движење на Турците и Бејџан Илјас-Демократска партија на Турците.

Александар Спасов е претставник од Кабинет на шефот на државата, Драган Тилев-Секретаријат за европски прашања и Шпенд Садики од Министерство за надворешни работи.

 „Експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе се соопштат до крајот на неделава. Работно тело е
формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките
на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Претходно денеска пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека оваа партија нема да делегира претставник во работните групи за уставните измени и нема да  учествуваат во ваквата процедура за отворање на Уставот во овој пратенички состав без претходни избори.

-Нашиот став веќе е одамна кажан. Имавме предлог којшто власта го одби, а се однесуваше за измена на Уставот по теркот на хрватскиот модел. Ние нема да учествуваме во работните групи. Во понатамошната процедура за да се отвори Уставот требаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во ваквата процедура за отворање на Уставот во овој пратенички состав без претходни избори, рече Панова.

Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ на редовна седница на Извршниот Одбор, вчера ја разгледувале поканата од Министерството за правда за учеството во работната група за уставни измени, по што одлучиле да не учествуваат во работата на оваа група.

– По опсежната дискусија во која учествуваа речиси сите членови на Извршниот Одбор ставот на ГРОМ е да не учествува во работата на оваа група затоа што нема потреба од уставни промени. Овој став произлегува од корелацијата меѓу македонскиот и бугарскиот Устав каде македонското национално малцинство нема никакви права загарантирани со устав. Ако за над 200.000 Македонци во Бугарија нема место во нивниот устав зошто би требало да има место во македонскиот Устав за само 3.400 самоосознаени Бугари. Според тоа не учеството во работната група и отфрлањето на потребата од промена на Уставот заради лечење на фустрациите на минорна бугарска група во Македонија е единствен логичен заклучок. Народ кој не ни го признава јазикот и нацијата нема ниту морално право да бара асиметричност во нашиот Устав, зошто да потсетиме на македонците во Бугарија не им е дозволено ниту здружение да имаат иако посебноста на македонскиот народ е потврдена со 17 меѓународни пресуди, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ГРОМ. 

Власта сама ќе работи на уставните амандмани, Беса откажа, а во работната група нема место ни за „огнените“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот