Путинова Русија е блиску до фашизмот од Втората светска војна, вели политикологот Вангелов

Огнен Вангелов/Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Денешна Русија под водство на Путин „не е еквивалентна на фашистичките режими од Втората светска војна, но таа е најблискиот аналоген пример на фашизмот од тоа време“. Путин во текот на своето дводецениско владеење направи од Русија персонализирана автократија што се доближува до диктатура, каде што со текот на времето основните граѓански права и слободи се стеснуваа до крајни граници, за денес, по нападот врз Украина, тие слободи и права да бидат крајно загрозени, вели во разговор за „Локално“, професорот-политиколог Огнен Вангелов кој е и член на Мешовитата македонско-бугарска комисија.

Според него, во некои средини низ Европа идеологиите блиски до фашизмот стануваат „нормализиран“ дискурс во јавните дебати и со самото тоа, со текот на времето тие општества незабележително се менуваат.

На прашањето дали е присутен фашизмот денес во Европска, проф. Вангелов вели:

„Битна е дефиницијата за фашизам, бидејќи со тоа име денес се опишуваат различни појави. Ако фашизмот го гледаме во својата изворна форма, идеологијата на Мусолини и сродните движења во Европа пред и во текот на Втората светска војна, тогаш не може да се каже дека денес има идентични движења кои се масовни. Но, секако дека има движења и политички идеологии кои се блиски до фашизмот, најчесто претставувани од крајно десните движења во Европа. Тие крајно десни движења се во постојан подем низ Европа, некаде повеќе, а некаде помалку, но општ е впечатокот дека веќе неколку децении ваквите идеологии земаат замав и од маргините навлегуваат во главните политички текови. Дури и денешните крајно десни идеологии да не се идентични со фашизмот од периодот пред и за време на Втората светска војна, тие можат да имаат исти разорни ефекти во општествата каде што стануваат битна политичка сила. Тоа најмногу се огледува во зголемување на опшстествената поларизација и преместување на целокупниот политички спектар кон десно. Политички длабоко поларизирани и поделени општества не можат да функционираат како стабилни демократски општества, па оттаму опасноста од подемот на ваквите идеологии низ Европа се и директна опасност по демократскиот поредок“.

Вангелов вели дека нема оправдание за инвазија или „специјална операција“ во име на борба против фашизмот, без реални докази дека постои такво нешто.

– Секако дека со ништо не може да се оправда руската агресија врз Украина. Тоа е освојувачка и агресивна војна, целосно незаконска од аспект на меѓународното право, а во многу елементи и злосторничка операција против цивилното население во Украина. Руската пропагандна машинерија на авторитарниот режим на Путин се обиде да ја оправда таа инвазија како неопходна поради наводните нацистички власти на Украина и заштита на руското малцинство во истокот на земјата. За таквите тврдења нема апсолутно никакви докази ниту каква било допирна точка со реалноста во Украина, туку напротив, крајно десничарските движења во Украина се многу помаргинални отколку таквите движења во многу други европски земји. Па и во самата Русија има повеќе облици на владеење слично на нацизмот, наспроти владеењето во Украина кое и покрај недостатоците (кои се присутни и во повеќето источноевропски земји), е базирано на основните принципи на демократијата и човековите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот