Путин потпиша, Русија официјално ги анектира четирите украински региони

фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги потпиша законите за анексија на четирите украинските области во кои минатата недела се одржаа референдуми припојување кон Русија. САД, ЕУ и НАТО ги осудија референдумите и ги прогласија за неважечки, а чинот на Москва го нарекоа „грубо прекршување на меѓународното право“.

„Границите на новите субјекти со други земји ќе се сметаат за државни граници на Русија. Според законите, жителите на новите региони се сметаат за руски државјани од денот кога териториите биле прифатени во Русија, 30 септември“.

На почетокот на неделава двата дома на рускиот Парламент ги ратификуваа договорите со кои четирите украински региони се приклучуваат кон Русија. Формалностите следеа по „референдумите“ организирани од Кремљ во четирите региони, кои Украина и Западот ги отфрлија како лажни. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската армија постигнала голем, брз напредок против руските сили и ослободила десетици градови на југот и на истокот на земјата.

„Украинската армија напредува на прилично брз и моќен начин на југот на земјата во контекст на сегашната одбранбена операција. Само оваа недела, по рускиот псевдореферендум, ослободени се десетици населени места во регионите Керсон, Харков, Луганск и Доњецк.“ – изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.

Во меѓувреме, американските власти соопштија дека немаат информации за да ги потврдат медиумските извештаи дека Русија се подготвува да употреби тактичко нуклеарно оружје на бојното поле во Украина.

„САД не виделе никаква причина да ја приспособат сопствената стратешка нуклеарна позиција. Немаме индикации дека Русија се подготвува непосредно да употреби нуклеарно оружје.“ – изјави Карин Жан Пјер портпаролка на Белата куќа.

И НАТО не забележал никакви промени во руската нуклеарна стратегија, но е во состојба на готовност, велат од Алијансата. Москва, пак, соопшти дека во Украина целата НАТО Алијанса се бори против Русија.

„Блокот на НАТО во основа се бори против нас, неговите членки му обезбедуваат на режимот во Киев тешко оружје, муниција, разузнавачки податоци, обезбедуваат обука за воени специјалисти.“ – изјави Николај Патрушев секретар на Советот за безбедност на Русија.

Земјите-членки на Европската унија постигнаа договор за нови санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот