Птици со чип во мозокот – новата тајна технологија на Москва
Руска невротехнолошка компанија спроведува експерименти со имплантирање невронски чипови кај птици, со цел нивно управување од далечина, покажуваат информации објавени во британскиот весник „Тајмс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Станува збор за компанијата „Неири“, која од ноември тестира т.н. „био-дронови“ – гулаби во чии мозоци се вградуваат електроди што овозможуваат насочување на нивното движење преку надворешни сигнали.
Птиците, како што се наведува, се опремени со минијатурни камери, контролни уреди и соларни панели.
Од компанијата тврдат дека ваквите биолошки носачи имаат значителни предности во однос на класичните дронови, бидејќи не бараат честа замена на батерии или слетувања, а нивното природно однесување во летот им овозможува долготрајни рути – и до 400 километри дневно без запирање.
„Неири“ наведува дека технологијата е наменета за цивилни цели, како пребарување и спасување и мониторинг на индустриски објекти.
Сепак, експерти предупредуваат дека ваквите решенија лесно би можеле да најдат и воена примена, особено во сферата на извидувањето.
Истражувачкиот портал „Т-инваријант“ објави дека компанијата добила финансирање „без преседан во руската невронаука“, вклучително и средства од Националната технолошка иницијатива и Фондацијата „Восход“.
Според анализите, ова значајно финансирање е поврзано со соработката на „Неири“ со Институтот за вештачка интелигенција при Московскиот државен универзитет.
Институтот го води Катерина Тихонова, 39-годишната втора ќерка на рускиот претседател Владимир Путин, за која западните медиуми подолго време пишуваат. Тихонова раководи и со истражувачката фондација „Инопрактика“, поддржана од Кремљ, а претходно се појави на државната телевизија зборувајќи пред компјутерски генерирана слика од глава поврзана со електроди.
„Секој што работи со невроуреди го разбира потенцијалот на технологијата, но и потенцијалот што таа го отвора за самиот човек“, изјави тогаш Тихонова.
Извршниот директор на „Неири“, Александар Панов, во јавноста тврди дека технологијата може да се прилагоди и за други животински видови, меѓу кои и гаврани.
Тој претходно привлече внимание со контроверзни изјави за создавање нова фаза на човечката еволуција, која ја нарекува „Хомо супериор“.
На социјалните мрежи, Панов пишуваше и за можноста за „репрограмирање“ на луѓе, вклучително и Украинци.
„Дури и ако по војната во Украина останат само 5 до 7 милиони корисни луѓе, тие можат да се репрограмираат, како и повеќето други, што е многу поевтино отколку создавање и одгледување личност од нашата сопствена култура“, напиша тој.
Покрај експериментите со птици, компанијата досега тестирала и користење електроди за контрола на крави и стаорци.


