ПРВПАТ ЗАБЕЛЕЖАНИ свињи да користат алати (ВИДЕО)

Фото: Јутјуб

Познато е дека свињите се многу интелигентни животни, но сега научниците откриле дека тие знаат да користат и алати, што е вештина ретко присутна меѓу животните.

Свињите кај луѓето се популарни веќе подолго време. Бидејќи нивниот организам има доста сличности со нашите, свињите се најчестото жртви за тестирање на лекови, а воедно се послушни и терапевтски животни. Многу луѓе ги сакаат и ги посвојуваат како куќни миленичиња, а сега научниците воочиле дека имаат уште една невообичаена способност – знаат да користат алати, пишува Си-Ен-Ен.

Со стапови копаат гнездо

Во најновите истражувања, експертите приметиле дека фамилија на критично загрозени свињи користат стапови за да ископаат и изградат гнездо.

Свињите инаку не се познати по градење на гнездо, а особено не се познати по софистицираната употреба на алати. Научниците мислеле дека тие не можат да развијат вештина на користење на алати, заради големите муцки и недостатокот на прсти. Но, коавторката на истражувањето, Мередит Рут-Бернстајн, воочила во париската зоолошка градина како свињата Присила копа земја со стап во уста.

„Собираше куп од лисја, го преместуваше на друго место и потоа копаше со стапот“, напишала Рут-Бернстајн во своето прво набљудување.

„Во еден момент зема парче од кората на дрвото, кое се наоѓаше во тој куп, па држејќи го во уста со него копаше“, додала таа.

Целата фамилија користела алати

Рут-Бернстајн и нејзините колеги повторно ја посетиле париската зоолошка градина во 2015, 2016 и 2017 година, овој пат за службено истражување, преку додавање на предмети, за да видат дали Присила и нејзината фамилија ќе реагира на алатите.

Првата година, свињите не користеле алати, но следната година Присила и нејзиното женско потомство спремно ги примиле стаповите и со нив копали и граделе гнездо. Почнал да копа и братот на Присила, Били, иако неговите обиди изгледале полоши во споредба со женските членови на фамилијата, напишале истражувачите.

Научниците приметиле дека копањето со стапот е помалку корисно од копањето со муцките, па се запрашале зошто воопшто го прават тоа. Иако за сега не знаат со сигурност, претпоставуваат дека се работи или за чувство на внатрешно задоволство или таков начин на копање е навистина корисен за изградба на гнездото, само луѓето не знаат заради што.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот