Прво на матичен лекар, па дури потоа на вакцинација против ковид -19!

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Со голем број непознаници и неодговорени прашања ќе ја дочекаме вакцинацијата против ковид 19 која се очекува на почетокот од 2021 година. Дали граѓаните што се без симптоми, а го носат коронавирусот без да знаат, ќе смеат да се вакцинираат? Со оглед на фактот што асимптоматските носители на коронавирусот без тест не можат да знаат дека го имаат, ќе мора ли сите граѓани да се тестираат пред да се вакцинираат, за да ја елиминираат можноста да се позитивни?

Надежта е дека самите производители чии вакцини ќе бидат одобрени и транспортирани во Македонија преку Ковакс механизмот, меѓу кои Фајзер и Бионтек, Астра Зенека и можеби руската вакцина Спутник 5, во своите упатства ќе ја наведат оваа информација.

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски, вели дека тие што се носители на коронавирусот без симптоми, треба да почекаат седум до десет дена пред да ја примат вакцината.

– Приоритет ќе имаат здравствените работници и ризичните групи а понатаму ќе се следат искуствата. Нема одговор дали ќе се бараат антителата. Сепак, тие што се носители, треба да почекаат. Носителството е од седум до десет дена ако станува збор за случај без симптоми, објаснува Пановски.

„Слободен печат“ разговараше со врвни медицински работници од земјава, членови на Комисијата за заштита од заразни болести, меѓутоа за ова важно прашање воопшто не се дискутирало на состаноците на Комисијата.

– Ова прашање го немаме дискутирано на Комисијата за заразни болести, но е важно прашање. Логиката е во ред, меѓутоа нема сите да се тестираат. Здравствениот систем не може тоа да го издржи. Кај вакцината за Ковид, нема дел од вирусот кој може да предизвика болест. Кај другите вакцини може да се добие чешање, температура, малаксаност. И да прележал и да не прележал не сте му наштетиле на пациентот на здравјето. За вакцината за Ковид не знаеме, не сме сигурни дали ќе наштети ако човек е асимптоматски носител. Носителот треба да се вакцинира барем еден месец откако ќе се негативизира. За ова не сме дискутирале, а дефинитивно треба да дискутираме. Добро би било сите да се тестираат пред да се вакцинираат, но здравствениот систем тоа не може да го издржи. Сите имаме многу непознаници со вакцините. Не сме ги виделе ниту упатствата за нив бидејќи не се пристигнати кај нас. Не знаеме ниту колку време заштитуваат откако ќе се примат. Производителот вели дека заштитата трае две години, меѓутоа тоа е пресметано според некое друго истражување што го имале со САРС претходно, вели за „Слободен печат“ доктор Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести.

Од Министерството за здравство на нашето прашање дали асимптоматските носители на коронавирусот мора прво да се тестираат па потоа да се вакцинираат за да ја елиминираат можноста дека се позитивни но без симптоматочогија, одговори дека вакцинацијата ќе се одвива врз база на индивидуална проценка од страна на лекар.

„Секој човек има различен имунитет, хронични заболувања и општа здравствена состојба. За да може успешно да се прими вакцината, граѓанинот е потребно да биде комплетно здрав, што ќе треба да се утврди од страна на неговиот матичен доктор и врз основа на тоа ќе се дадае соодветна препорака за соодветниот период на вакцинација. Сите стандарди кои ќе ги препорача Комитетот за имунизација ќе бидат во чекор со светските и истите ќе бидат спроведени и кај нас со цел комплетно безбедна вакцинација на населението. Вклучително на ова, дополнително ќе се утврдат алгоритмите кои ќе бидат неопходни за секој граѓанин“, велат од Министерството за „Слободен печат“.

Во меѓувреме владата на Велика Британија експресно објави сериозни детални упаства за пациентите да знаат што да очекуваат после вакцинацијата. Во нив децидно се наведува дека луѓето што се во самоизолација или чекаат резултат од тест, не смеат да одат да се вакцинираат.

Дури и по вакцинацијата, на граѓаните им се советува и понатаму да носат маски, да одржуваат дистанца и да одржуваат хигиена на рацете, зашто не е сигурно дека таа ќе ги заштити од инфекција со вирусот.

„Не може да добиете ковид-19 од самата вакцина. Меѓутоа, можно е да сте се заразиле со Ковид 19 неколку дена пред вакцинацијата, а да не сте свесни за тоа. Иако една несакана последица од самата вакцина е покачена телесна температура, ако ви се појават и некои други симптоми, или ако температурата ви трае подолго време, мора да се изолирате и да се тестирате иако сте вакцинирани“, пишува на официјалната веб страница на владата на Велика Британија.

Во упатствата на британската влада уште се додава и дека фактот што сте се вакцинирале, воопшто не значи дека нема да се заразите со Ковид 19, но дека по вакцинацијата, симптомите при евентуална зараза ќе бидат поблаги.

„Вакцината против Ковид 19 ги намалува шансите од зараза. Потребни се неколку недели за да изградите заштита против вирусот во организмот. Како и сите други и оваа вакцина не е комплетно ефективна, така што мора да продолжите да ги користите заштитните мерки за да избегнете инфекција. Некои луѓе, ќе се заразат со Ковид 19 иако се вакцинирале, но очекувањата се дека симптомите ќе бидат поблаги“, советува британската влада.

Алијансата „Пиплс ваксин“ предупреди дека земјите со побогати економии ги изнакупувале вакцините па тоа ќе значи дека девет од десет луѓе во 70 земји со ниски примања, во 2021 ќе останат невакцинирани.

„Само во Канада нарачани се толку многу вакцини што ќе може да го вакцинираат своето население пет пати. Целото количество од производителите Фајзер и Бионтек ќе биде наменето за богатите држави, кои купиле 96 проценти од дозите. Оваа вакцина мора да се складира на ниски температури што ја прави потешко достапна за сиромашните земји, кои немаат скапи фрижидери“, предупреди алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот