Прва актерка од Балканот која проговори за злоставувањето: Потресната приказна на глумицата од „Ивкова слава“ (ВИДЕО)

Фото: Јутјуб

– Не се осмелив на било кој да му кажам што ми се случи во деновите по злоставувањето, раскажа актерката за ТВ Сараево.

Актерката Даниела Штајнфелд се прослави со улогата на убавата Мариола во еден од најпопуларните филмови на Балканот „Ивкова слава“ од 2005 година, кога актерката буквално „распали“ во својата кариера, при што и следеа и важни улоги во сериите „Ранетиот орел“ и „Ќе се вратат штрковите“ (2009). Меѓутоа, потоа актерката заминала во Америка и не била присутна на српската сцена.

Фото: Јутјуб

Во Америка поминала десет години. Живеела и работела во Њујорк, каде продолжила со својата актерска кариера. Таа играше во американскиот филм „Само кеш“ во 2015 година, во кој ја играше улогата на Блерт, како и во ТВ серијата „Anya Karmanova: Euro Spy“.

Таа го објави документарниот филм „Зацели ме“ (Hold Me Right – Држи ме цврсто) кој неодамна беше претставен на Филмскиот фестивал во Сараево, а во кој проговори за трауматичното искуство кое го преживеала. Иако овој период го оставила зад себе, својата ниту малку лесна борба со прифаќањето на фактот дека била жртва на силување ја претстави во рамките на филмот.

– Не се осмелив на било кој да му кажам што ми се случи во деновите по злоставувањето. Во првите моменти по траумата, мозокот се „пресметува“ и гледа дека, доколку на било кој му кажам, последиците од тоа ако пријавам можеби ќе бидат полоши за мене и мојата безбедност, моето семејство, иднината… Му се доверував на лаптопот…. Изработував мали видео записи, на кои дури и сум заборавила, со денови бев во шок. Тогаш, кога при монтажата се сетивме да видиме дали има нешто архивско, ги пронајдовме тие материјали кои сум ги снимила. Тие материјали се скапоцен тестамент, како жртвата го поднесува тоа и како се носи со тоа во деновите по злоставувањето, раскажа Даниела пред неколку дена во интервјуто за ТВ Сараево.

Фото: Јутјуб

Даниела Штајнфелд е прва српска актерка која јавно проговори за тоа како била жртва на сексуално злоставување, наведувајќи дека била силувана од еден моќник од филмската индустрија.

Оваа вест ги згрози актерите во Србија, кои застанаа на нејзина страна давајќи и максимална поддршка и повикувајќи ја да го каже името и презимето на злоставувачот, бидејќи само така ќе може на злоставувачот да му се застане на патот.

Како што изјави таа за ТВ Сараево, за признанието за силувањето се охрабрила дури откако филмот се завршил.

– Мојата идеја беше да направам филм за последиците од силувањето, сексуалното злоставување, од перспектива на жртвата и луѓето кои направиле злосторство. Кога го направивме сировиот материјал, првата монтажа, во тој момент се охрабрив да ја споделам мојата приказна. Дел од мојата приказна дојде во задниот момент од создавањето на овој филм, изјави Даниела.

„Жртви на силување – можете да победите, не сте виновни“

Фото: Фејсбук

– Тој наслов „Зацели ме“ е директен повик на општеството да ја поддржи жртвата на силување во преболувањето на посттраумите. Една работа е да ја преживеете страшната траума како самото силување, а сосема друго е да го преболите целиот тој ѕид на срам и тишина во која жртвата треба да биде, затоа што постои импликација жртвата на силувањето или било какво сексуално злоставување, било кој и да е тоа – машко, женско или дете, нешто да направиле или на некој начин да придонеле тој злочин да се случи, објасни таа.

– Не можете никого да го натерате да ве силува. Јас со овој филм би сакала не на некој сензационалистички начин да се прикаже нешто графички, туку еден интимен портрет – дека ова е еден општествен проблем, културен проблем, и дека мојата порака на филмот е дека лекувањето е многу едноставно, само најпрвин треба да ги сослушаме жртвите. Луѓето доколку пријават или на некого му се доверат, нема да бидат осудувани, порача Даниела.

– Никој не може да ми ја одземе моќта да зборувам. Таа приказна е зад мене. Слободна сум од оковите кои досега ги носев, изјави таа во еден момент од својата исповед.

– Мојата желба е, доколку постојат жртви на силување или семејни жртви, да можат да веруваат дека траумите можат да се победат. Најсилниот пат кон лекување и надминување на оваа траума е за тоа да се зборува. Колку повеќе зборував, толку помалку ми беше срам. Никогаш не треба да ви биде срам да зборувате за тоа, бидејќи жртвите на ниту еден начин, никогаш, не се виновни, заклучи Даниела.

Во Србија најавија дека е покрената истрага за расчистување на случајот за злоставување на актерката Даниела Штајнфелд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот