Проработе капелата во Тетово за која по грешка наместо за мртовци беше купена комора за чување батаци

Фото: Слободен печат

Капелата во склоп на Градските православни гробишта во Тетово, конечно по речиси пет години откако е изградена, денеска се пушти во употреба.

Од Одделението за православни гробишта при ЈКП Тетово кое управува со капелата, велат дека се исполнети условите за преземање и третман на починатите лица, кои во капелата ќе ги носат операторите, со кои ЈКП Тетово има склучено договор.

„Во изминатиов период се направи доуредување на капелата, се поставија сите елементи за нормално функционирање, се оспособи комората, просторија за давање на сочувство на семејствата и слично. Во комората ќе престојува покојникот, потоа утредента пред да се направи опелото во црква, во капелата во посебна просторија на семејството му се изразува соочуство каде се носи покојникот, а потоа се носи во црква и на крај на градските гробишта“, изјави Мики Симоски, раководител на Одделението за православни гробишта при ЈКП Тетово.

Конечно се пушти во употреба долгонајавуваната капела, но тука не завршуваат проблемите на православните граѓани, велат тетовци.

„Требаше порано да се пушти во употреба објектот, но како и да е тука не завршуваат нашите проблеми. По опелото во црква, наместо покојниците да ги однесеме во достојно вечно почивалиште ние ги погребуваме во „запуштена ливада“ на новата локација на градските православни гробишта во тетовско Фалише. За неа секоја година има ветување дека ќе се уреди, но таму нема некаков објект, ниту црква, местото не се одржува, не се коси, нема доволно заштитна ограда, па разни животни влегуваат на гробиштата, таа локација треба под итно да се уреди“, вели еден тетовец.

Фото: Слободен печат

Од ЈКП Тетово, велат дека планирани се неколку активности на новата локација на градските православни гробишта кај Фалише.

„Во периодов е предвидено за православните гробишта во Фалише да се направат тоалети, во моментов од различни причини досега немало, ќе се доуреди, ќе се исчистат пристапните патеки, ќе се постават чешми, ќе се донесе струја. Ќе ги исполниме минималните услови, ќе го одржуваме местото како косење и слично. Но, за наредниот период се планира да се направи дренажа на самата парцела, хортикултурно да се уреди просторот“, рече Мики Симоски Раководител на Одделението за православни гробишта при ЈКП Тетово.

Капелата започна да се гради во 2015 година. Објектот беше завршен во 2018, но речиси 5 години подоцна се пушти во употреба.

Од ЈКП Тетово пред две години изјавија дека иако капелата е изградена со сите соодветни простории, не може да се употребува поради нефукционалност на комората – ладилник каде треба да се чуваат телата на починатите граѓани, односно во комората не било предвидено место ниту за еден покојник.

Фото: Слободен печат

Комората како што тогаш изјавија вработените од православните гробишта поради малите димензии наместо за починати, била практична само за чување батаци и сувомеснати производи.

Несоодветна комора ладилник е причина се уште да не функционира капелата во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот