Промовирана е новата стихозбирка „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова

Во присуство на голем број гости од културната и академската сфера, читатели и претставници на медиумите, на 6 јуни, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје се одржа промоцијата на новата стихозбирка „На врв на јазикот“ на академик Катица Ќулавкова.
Модераторката на настанот и уредничка на книгата, Оливера Ќорвезироска, поетското претставување го почна со интерпретација на стиховите од насловната песна во книгата – „На врв на јазикот“. Таа истакна дека книгата, иако е ново дело, заслужено се најде во едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, придружувајќи им се на великаните: Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Петре Бакевски… Во чие друштво припаѓа писателката Ќулавкова.
Промоторката на книгата, проф. д-р Наташа Аврамовска, во својот осврт кон книгата, меѓу другото, посочи дека „секоја одделна песна во оваа книга отвора нови хоризонти на смислата, на векувањето во историјата и сегашноста, но и во светот на симболичките значења во кои и името и изрекувањето се свети затоа што се светотворни“.

Книгата содржи 40 песни, поделени во седум циклуси: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба.
– „На врв на јазикот“ ја опева мојата приврзаност за она што го замислувам како свој прв мајчин и татков Дом, мој и на мојот син, моето чедо. Главен предзнак на тој дом е „придавката“ македонски: македонскиот јазик, македонското поднебје, македонското минато, обредите, обичаите, верувањата и народните преданија на Македонците. Тој Дом е навидум мал и затворен, суштински огромен и отворен поглед кон светот. Во него се прекршуваат разни светови, исто како што тој се прекршува во разни други светови, сеќавања, соништа, заблуди и предрасуди. Можеби остава впечаток дека е посесивен, ама тој впечаток е лажен. Се работи за потреба од „тло под нозете“, за „сопствена соба“ – истакна Ќулавкова.
Катица Ќулавкова (Велес, 21.12.1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (Катедра за општа и компаративна книжевност).
Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Добитник е на највисоката државна награда за животно дело во Македонија „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)