Промовиран водич за истражувачко новинарство – можност повеќе да се вклучат традиционалните медиуми и студентите
Истражувачкото новинарство постојано напредува, се менува и се приспособува на новите технолошки алатки, но во услови на информативен неред и намален простор за темелни истражувања во мејнстрим медиумите, потребата од јасни методи, принципи и професионални стандарди станува сè поизразена. Токму во овој контекст е преведен водичот „Вовед во истражувачкото новинарство“, издание на Глобална мрежа за истражувачко новинарство, преведен на македонски и на албански јазик од Центар за развој на медиуми, пренесува агенцијата Мета.мк.
Препорачано
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми посочи дека преводот произлегува од реална потреба за подобро разбирање на основите на оваа професија.
„Овој прирачник е преведен затоа што се чуствува потреба, а таа е лоцирана и во самиот прирачник, за познавање на истражувачко новинарство. Нема доволно познавање што е истражувачко новинарство, кои се основни методи и принципи. Потребата посебно се чувствува кај традиционалните медиуми кои во голема мера се откажаа од истражувачко новинарство, а во главно со ваквиот вид истражување се занимаваат невладините и граѓанските организации“, рече Георгиевски, додавајќи дека една од целите е прирачникот да биде корисен и за студентите.
Јасна Бачовска – Недиќ од Факултетот за новинарство и односи со јавност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ истакна дека е потребна повеќе литература за истражувачко новинарство на македонски јазик.
„После многу години, истражувачкото новинарство повторно е задолжителен предмет на факултетот, откако долго време беше изборен. Како општество имаме проблем со овој вид новинарство, сведоци сме дека Македонија падна на сите извештаи во однос на демократскиот капацитет“, рече таа.
Недиќ додаде дека прирачникот може да им биде корисен и на студентите по политички науки, правни студии и односи со јавност, а не само на студентите по новинарство.
Пред неколку недели, во Собранието беше промовиран Курикулум за истражувачко новинарство. Учениците од осмо и деветто одделение ќе имаат можност како незадолжителна активност да изберат да изучуваат истражувачко новинарство по предметот Граѓанско општество, а на почеток тоа ќе биде спроведувано како пилот проект.
„Низ воспитно образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои знаат, почитуваат и применуваат демократски принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки“, рече министерката за образование Весна Јаневска.
Учениците од осмо и деветто одделение ќе учат истражувачко новинарство


