Фото: О(пштина Бутел

Учениците од осмо и деветто одделение ќе учат истражувачко новинарство

Учениците од осмо и деветто одделение во основните училишта ќе имаат можност како незадолжителна активност да изберат да изучуваат истражувачко новинарство по предметот Граѓанско општество. На почеток оваа активност ќе биде спроведувана како пилот проект за што денеска во Собранието беше промовиран Курикулум за истражувачко новинарство.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека Бирото за развој на образованието веќе го одобрило Курикулумот, кој, како што кажа, е еден вид практична школа за демократијата, а учениците ќе можат да обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе создаваат новинарски текстови.

„Низ воспитно образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои знаат, почитуваат и применуваат демократски принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки. Ќе им овозможиме на децата од најрана возраст да учат дека сите, без разлика на пол, религија, раса и социоекономски статус и многу други елементи, имаат еднакви права и можности. Вештините на критичко размислување, тимската работа и дијалог, кои генерираат функционална демократија најдобро се усвојуваат кога се интегрирани во наставните програми, рече Јаневска.

Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека истражувачкото новинарство во својата суштина е дисциплина на прашања, докази и одговорност.

„Во време на огромен информациски шум, тоа е можеби една од највредните граѓански компетенции што можеме да ја поттикнеме кај младите да знаат да проверуваат, да анализираат и да донесуваат информирани заклучоци. Целта не е да создадеме новинари по секоја цена, туку да создадеме граѓани кои умеат да разликуваат факт од манипулација, аргумент од навреда, јавен интерес од сензационализам, рече Гаши.

Според него, младите се изложени на содржини кои доаѓаат брзо, често без извори и неретко со скриени намери.

Тој упати порака до наставниците дека нивната улога е незаменлива и оти ниту една програма не може да успее без нивната енергија, без нивното искуство и без нивната верба дека учениците можат да научат повеќе кога им даваме простор да истражуваат, да прашуваат, да дебатираат и да градат аргументи.

Автор на Курикулумот за истражувачко новинарство по предметот граѓанско образование е Виктор Новаковски, а тој е изработен преку Програмата за парламентарна поддршка, Парламентарниот институт на Собранието и Швајцарската агенција за развој. Новаковски волонтерски го изработил Курикулумот, чија финална верзија била изработена во соработка со 23 наставници од основните училишта во целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот