Емељ Туна, Сузана В. Спасовска, Силвана Димитриевска и Славица Милева

Промоцијата на стихозбирката „Ноќите кога молчам“ од Силвана Димитриевска се одржа во „Буква“

Поетската збирка „Ноќите кога молчам“ од Силвана Димитриевска својата промоција ја имаше на 22 ноември, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. На промоцијата учествуваа промоторката Сузана В. Спасовска, заедно со Емељ Туна и Славица Милева, кои читаа стихови од збирката, додека поетесата Ирена Павлова де Одорико напиша промотивен текст за книгата.

Поетесата Ирена Павлова де Одорико својот текст за книгата „Ноќите кога молчам“ од Силвана Димитриевска го почнува со стиховите: „Везилке, кажи како да се роди, / проста и строга македонска песна, / од ова срце што со себе води / разговор ноќен во тревога бесна.“ од Блаже Конески. Во таа насока се движи целиот промотивен текст.

– Со текот на годините, сфатив едно нешто: дека треба повремено да се напуштат сите теории на книжевноста, за да се рашири дијафрагмата на творештвото. Особено, онаа на поезијата.

Во овој текст, за нашата Везилка, Силвана Димитриевска го правам токму тоа. Ослушнувам, не читам само. Ги вклучувам сите сензори. Дозволувам да ми влезе поткожно секој стих што има носивост на срцева приказна.

„Тапкаме во место. Темјан ни гори под нозете“, пишуваа авторката во песната „Темјана“. „Како да пишува за некаква Мадам Темнијана“, која со помош на стихувањето ќе се исцели и воедно, ќе ни ја дари можноста за исцелување. „Темнееш Темјана, како икона, изрезбана и заробена убавина“. Ќе напише повторно, во истата песна. Но, бидејќи станува збор за икона, таа свети и во мракот. Поетесите светат и во мракот, и божем нечујно кога привидно молчат, но токму тогаш грмат. Ова се поинакви грмотевици. Ненаметливи, но нималку немоќни.

Дали говори за мрак, или светлина, вечност или минливост, симболот на иглата е секогаш присутен кај нашата Силвана Димитриевска.

Како магичен летечки килим, во кој се вшиени парчиња од македонската традиција, од колективното свесно и несвесно, од предците, поблиски и подалечни. Во тој килим има и толку сегашност. Всушност, моќта е единствената сегашност на нејзината слобода. Вон прангите, директно во идентитетот, преку стихот.

Иднината е во чедото, во наследниците.

Меѓутоа, тонот на нејзиниот поетски говор, ги надминува сите просторни и временски рамки. Со помош на иглата. Да се зашие скинатото, да се расшие тагата. И кога говори за тагата, и кога стихува за љубовта, таа вели: „Знам како се крпат распарани рабови“. Иако, дискретно ќе ни се пожали, пишувајќи: „Дванаесетти обид да го протнам конецот во иглата“. Но, со неуморна решителност, продолжува да везе сѐ што е небеско и земско, знаено и незнаено за неа, за да се спознае низ тој отвор, па да ни принесе парче небо во сите негови сончеви и наоблачени изданија.

Кој ја научил нашата поетеса да везе?

Мајката, Тагата, Љубовта?

Би рекла, сѐ заедно.

Во песната „Каленица“ таа испраќа моќна порака дека доколку мајката ја нема, или доколку не ја сочуваме на било кој начин, дали можеме да станеме везилки. Мудри, искусни ентитети на женскиот принцип, кој чувствува каде ѓаволот распарчува, на личен и колективен план, за везилката да зашие. Обично, пукаат нашите рабови.

„На работ сум да преминам на сите измислени граници“, пишува во една песна.

Таа знае дека границите се измислена категорија. Но, тоа може да се сфати, доколку го надминеме ропството. Она, наметнатото. Потоа следат внатрешните окови. Нив ги топи токму свеста за таквите „измислени граници“.

Нашата поетеса Димитриевска, додека везе во ноќите кога молчи, како да има неодложна потреба везот да го доживее своето бело видело.

Стихотворието е исклучително мистериозен, потсвесен процес.

Во стихот, се објективизираат извесни нешта по патот на една надинтуиција, која таа несомнено ја има во огромни количини.

Насловна корица на стихозбирката „Ноќите кога молчам“

Ова дело е откорнато и просто пушта крик, за, да биде пораката испратена. Пораката на едно ултимативно ослободување, но, откако, како што ќе напише: „Ќе се среди сѐ што е распарано, расшиено, ненадејно скинато“.

Ова говори за женскиот принцип на хармонизирање, баланс, доблест, мекост, прелест. Говори за Големата добрина, која стоички опстанува и во добро и во зло. И во миговите на Љубовта, но и во оние на Тагата.

Во циклусот „Тагување“, Димитриевска ќе напише: „Таа, сина тага. Заоблена и полна. Мека и удобна. Верува дека знае сѐ…“

Авторката на тагата ѝ вели: „Не грижи се, ќе се родиш пак“.

Големите дела се раѓаат среде тага, но сончевите зраци на внатрешното читателско око ги осветлува.

И тоа е онаа взаемна љубов, која исцелува, од едната и од другата страна.

Убавината на поезија, најинтимната убавина на овој поетски ракопис на нашата везилка Силвана Димитриевска е токму во откритието на суштината на Љубовта. Во овој случај, суштината на словењето.

Во циклусот „Љубовна“, таа ќе напише: „Оживува јазикот на пророците, но никој не знае со кој конец и игла таа ги зашива светлината со мракот, сенката со човекот, копнежот со вечноста“.

Мислам дека нашата поетеса не е свесна, а тоа оди на нејзина космичка сметка, дека токму таа е онаа „Везилка“, која во ова ново време, му дава и нови одговори на еден од татковците на македонската поезија. Татковците се круцијални во нашите животи, па и во нејзиниот живот. Таа и него го опточува со збор, воочи мигот на неговото заминување. Да. На почетокот беше зборот. И, на крајот за еден нов почеток.

„Ноќите кога молчам“ се песни, калемени со мудрост, во кои се надоврзува една нова наша поетска „Везилка“.

Конески, да беше жив, ќе беше многу горд на стиховите на нашата поетеса Силвана Димитриевска. Огнено е ова крштевање, но само Поетесите умеат да сменат до девет кожи, со живот на девет мачки.

Не е Блаже Конески меѓу нас, но, ние како современици, тука сме, да се радуваме за поетското раѓање на нашата нова Везилка.

За крај: Драга наша поетесо, ти што ловиш звук на чудна песна, ти си ја кажа судбината своја (Б. Конески). Судбината твоја е да пишуваш вака – довека – напиша рецензентката Ирена Павлова де Одорико.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот