ОЈО / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Промена на јавен обвинител не ги одолговлекува постапките, одговорно да се известува особено за кочанската трагедија – велат од Јавното обвинителство

По последните одлуки на Советот на јавни обвинители за избор на обвинители во ОЈО ГОКК, Јавното обвинителство веќе ги презело сите потребни чекори за да овозможи ефикасност и непречено водење на сите тековни постапки, соопшти денеска OJO, тврдејќи дека ниту еден почнат процес нема да трпи неоправдано одолговлекување или усложнување, а во судница ќе има јавен обвинител подготвен да го застапува обвинението.

-Јавното обвинителство е единствен орган и евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките. Промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките, наведува Јавното обвинителство .

Пропадна изборот за шеф на Вишо обвинителство – републичкиот обвинител предложи обвинителка чие име се спомнуваше во „бомбите“

Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи, како што истакнува, сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност.

-Воедно, упатуваме повик до Здружението на новинари и до другите професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан. Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во „Пулс”. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка. Како држава, на повредените и на семејствата на жртвите, но и на сите граѓани, им должиме законита и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда. Јавното обвинителство презема се што е во негова надлежност за тоа да го испорача, без непотребни одолговлекувања и усложнувања, наведува Јавното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот