Производителите на медицински канабис работат со загуби, бараат да им се овозможи извоз на цвет од канабис

одгледувачи на медицински канабис
Фото/ Драган Митрески

Здружението на одгледувачи на медицински канабис „Макканабис” денеска на прес конференција, од Владата побараа да им овозможи извоз на цвет од канабис. Досега, како што истакна  претседателот на здружението, Коста Дуковски, на производителите на канабис им било овозможено да извезуваат само екстракт од канабис. Но проблемот кај производителите на канабис се јавува бидејќи, како што вели Дуковски, само 3 или 4 од регистрираните 23 производители на канабис имаат инвестирано во фабрика за екстракција на масло од канабис. Останатите немаат можност ниту за продажба во земјава, ниту пак за извоз во странство на канабисот кој го одгледуваат. Никој од нив досега нема извезено ниту грам канабис, работат со загуба, а квалитетот на цветот од канабисот, и покрај вакумирањето и замрзнувањето, за шест месеци губи половина од квалитетот.

Дополнително, работењето им го отежнуваат и неколку предложени измени на Законот за одгледување канабис за медицински цели. Една од измените е да се вработат најмалку 15 лица, наместо досегашните четири.

– Досега во било кој приватен субјект никогаш не се барало минимум број на лица. Може како до сега да остане потребниот кадар, но тој да се зголеми од сам старт, ќе го направи македонскиот пазар неатрактивен. Лицата се вработуваат веднаш по основање на фирмата, воедно истите де факто немаат никаква работа се до првото засадување. Во земјава тоа во просек значи 12 месеци од нивно вработување. Сега тој број се бара да биде 15 лица. Ниту финансиски е исплатливо, ниту има потреба – истакна Дуковски.

Коста Дуковски-претседател на здружение Макканабис
Фото/ Драган Митрески

Славе Иванов, сопственик на фирмата „Оаза Алкалоид“ е еден од ретките кој има своја фабрика за екстракција на масло од канабис. Според него, станува збор за скапа и во моментов неисплатлива инвестиција, бидејќи како што вели, немањето на европски сертификат за квалитет GPM му оневозможува да го извезува маслото.

– За да го добиеме euGMP сертификатот потребна ни е регистрација на производот во МАЛМЕД. Значи не станува збор за краен производ – шишенце од 10мл, туку големи извозни пакувања од 1 литар кој аптеките во ЕУ понатаму ќе го продаваат како генерички лек. Без Владата да даде прецизни насоки на МАЛМЕД и на Царинската управа во Македонија, пак ќе остане само напишано на хартија дека може извоз, а дефакто не може – вели Иванов.

Според одгледувачите на канабис, апсурдот е во тоа што, не само што не смеат да извезуваат, туку не смеат цветот и маслото од канабис да им го продаваат ниту на домашните фармацевтски компании, повторно како последица од немањето на GMP сертификатот.

– Доколку законот не се измени, ќе се затворат фабриките, а тоа е голема штета, бидејќи и државата ќе изгуби можност за заработка од овој профитабилен бизнис – предупредува производителот на канабис Славе Иванов.

Славе Иванов- Оаза Алкалоид
Фото/ Драган Митрески

За да биде појасно, Иванов има засадено канабис на простор од 15.000м2, годишно произведува од 5-7 тони сув цвет од четири реколти. Медицинскиот канабис третиран без пестициди, со еколошки ѓубрива и наводнуван со прочистена вода, на европскиот пазар се продава по цена од 3.500 евра за килограм. Вака пресметано 7.000 килограми би чинеле 24.500.000 евра годишно. Пресметката ќе биде уште поисплатлива ако наместо сув цвет, производителите продаваат екстракт од масло од канабис.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот