Прогласени најдобрите во машката и женска Супер ракометна лига
Единствениот специјализиран медиум за ракомет во Македонија, 24Ракомет, на свечена манифестација во хотелот Холидеј Ин во Скопје ги прогласи најдобрите во машката и женската Супер лига за сезоната 2025/2026.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На свеченоста беа доделени признанијата за ALL STAR тимот на сезоната во машка и женска конкуренција, а 24Ракомет официјално го започна и новиот проект – Куќа на славните на македонскиот ракомет.
Во машката конкуренција изборот се организираше по осми пат, додека во женската конкуренција по четврти пат. Победниците кај мажите беа избрани преку три сегменти – гласовите на публиката, македонските новинари кои следат ракомет и редакцијата на 24Ракомет. Во женската конкуренција победничките беа избрани преку гласовите на публиката и редакцијата на 24Ракомет.

Во секоја категорија беа номинирани по тројца кандидати, односно кандидатки, а збирот од бодовите ги даде најдобрите во секоја категорија. Во двете конкуренции беа забележани над 1 милион гласови, што е нов рекорд и потврда дека изборот има голема тежина кај ракометната јавност.
– Оваа манифестација за нас не е само избор на најдобрите во една сезона. Ова е наш начин да покажеме почит кон сите оние кои секојдневно го одржуваат македонскиот ракомет жив, релевантен и препознатлив. 24Ракомет е медиум создаден за ракометот и посветен на ракометот, а најдобрите заслужуваат јавно признание – не само за резултатите, туку и за трудот, професионалноста и примерот што го даваат – истакна Петар Шимлеша, главен уредник на 24Ракомет.
ALL STAR тим на сезоната 2025/2026 – машка Супер лига
Лево крило: Дејан Манасков – Еурофарм Пелистер
Лев бек: Филип Кузмановски – Еурофарм Пелистер
Среден бек: Јака Малус – Вардар
Десен бек: Урош Митровиќ – Вардар
Десно крило: Дарко Ѓукиќ – Охрид
Пивот: Милан Лазаревски – Вардар
Голман: Кристијан Пилиповиќ – Охрид
Дефанзивец: Ориол Реј Моралес – Охрид
Млад ракометар: Димитар Узунчев – Бутел Скопје
Тренер: Иван Чупиќ – Вардар
ALL STAR тим на сезоната 2025/2026 – женска Супер лига
Лево крило: Емилијана Ризоска – Ѓорче Петров
Лев бек: Марија Јанкуловска – Ѓорче Петров
Среден бек: Габриела Величковска – Чаир
Десен бек: Теодора Дукоска – Ѓорче Петров
Десно крило: Марија Гугуљанова – Ѓорче Петров
Пивот: Сара Цветановска – Спартак
Дефанзивец: Александра Коловска – Чаир
Млада ракометарка: Таида Беровиќ – Вардар
Тренер: Александар Царчев – Ѓорче Петров

На манифестацијата 24Ракомет го претстави и проектот Куќа на славните на македонскиот ракомет, чија цел е да ја зачува историјата, да им оддаде признание на најголемите имиња и да остави траен белег за сите оние кои со својата игра, работа, визија, посветеност, поддршка и резултати го граделе македонскиот ракомет.
Првата генерација, Класа 2026, ја сочинуваат личности кои на различен начин оставиле силен печат во македонската ракометна историја – како играчи, тренери, поддржувачи, раководители и визионери.
Куќа на славните на македонскиот ракомет – Класа 2026
Кирил Лазаров
Пепи Манасков
Индира Кастратовиќ
Гордана Нацева
Владимир Радиќ
Ванчо Јовановски
Лефтер Бошковски – постхумно
Славе Атанасовски – Чаве – постхумно
Трифун Костовски
Силјан Мицевски – постхумно
Михајло Михајловски
24Ракомет им честита на сите добитници, номинирани, клубови, тренери, ракометари и ракометарки кои ја одбележаа сезоната 2025/2026 и ја продолжија традицијата на македонскиот ракомет како спорт број 1 во Македонија.


